Новите ископувања североисточно од Мексико Сити открија три гробници, керамика и архитектонски градби. Сместено на околу 50 километри североисточно од Мексико Сити, селото Теотихуакан првично беше откриено во 1960 година од археологот Франциско Гонзалес Руи. Во тоа време тој пронашол керамика што дава показател дека жителите на селото биле самостојни рибари и собирачи. Меѓутоа, во периодот од март до јуни годинава, археолозите откопаа нови структурни елементи, како канали, подови, рамки, камени нивоа, столбни дупки и артески бунар, а открија и остатоци од три скелети што им припаѓаат на двајца возрасни и едно дете. Пронајдени се и полирани кутии со прстенеста основа.
– Со овие наоди се консолидира и се докажува постоењето на село во Теотихуакан, во областа Тлателолко – заклучија археолозите Хуан Карлос Кампос Варела и неговата колешка Мара Абигаил Бецера Амезкуа, која го предводеше ископувањето.
Според доказите што ги претставува керамиката, селото Теотихуакан датира од периодот помеѓу 450 и 650 година од нашата ера и одговара на класичниот период помеѓу фазата на доцниот ксолалпан (од 350 до 550 г. н.е.) и ерата на метепек (од 550 до 600 г. н.е.).
Теотихуакан е археолошки локалитет со најдолга историја на истражување во Мексико. Голем дел од знаењето за ова место, уметност и култура доаѓа од извори на Ацтеките. Градот процвета помеѓу 100 година пр. н.е. и 650 година од нашата ера, долго пред доаѓањето на Ацтеките во 1400-тите. Неговото точно потекло останува мистерија, но познато е дека Ацтеките му го дале името. Теотихуакан значи „место каде се создадени боговите“.