Mирослав Тодоровски од „Културно-уметнички работници“
Сабота, 22 јули, по 18.30 часот, се наоѓаме во клубот „Винг чанг кунгфу“ на Мирослав Тодоровски. Прекрасен простор што оддава смиреност и тишина, место како создадено за медитација. Внатре сме тројца, јас, Мирослав и Фирга. Повод за средбата е концертот на групата „Културно-уметнички работници“ што се одржа на маргините на „Синедејс“, во организација на МКЦ, неколку дена претходно.
Неофицијално, групата е оформена во 1999 г., во легендарното рок-кафуле „Браво“ на браќата Миле и Драги, кое се наоѓаше и сѐ уште се наоѓа во трговскиот центар „Буњаковец“, на вториот кат. Тоа беше собиралиште на членови на разни групи, но и на обични посетители. Од членовите на групите „Рок-агресори“, „Тотално опуштање“, „Бомбашки процес“, „Жолтица на бродот Баунти“, „Ноу нејм нејшн“, како придружен проект се оформува костурот на сегашните „Културно-уметнички работници“.
Некои членови си одат, но поголемиот дел останува и функционира до денес: Слободан Хаџи-Илиев – тапани, Владимир Стојчев – бас, Божо Вучинич – гитара, Трајче Митревски – гитара, Маријан Китановски – гитара и вокал, Мирослав Тодоровски – вокал, шоумен.
Речиси четврт век сте заедно во бендот, какво е чувството?
– Супер е, и по сѐ, сѐ уште сме заедно, сѐ уште уживаме како да сме тинејџери. Годините не ни можат ништо.
Каков стил на музика негувате и како еволуираше тој со текот на времето?
– Почнавме на границите на панк и постпанк-рок, за да го измешаме со моето омилено рокабили, а на крајот да направиме мешавина од повеќе стилови и од сето тоа да создадеме наш препознатлив стил.
Кој ви изврши најголемо влијание низ годините на работа?
– „Клеш“, „Рамонс“, „Секс пистолс“, „Стреј кетс“, како и ју-панкот, „КУД идијоти“, „Електрични оргазам“, „Шарло акробата“, „Партибрејкерси“. Текстовите на песните обично се шеговити, протестни, секојдневни случувања, социјално ангажирани, фантазерски… За овој дел главно се задолжени Трајче и Маријан. Но сите учествуваме во дооформувањето на песните. Гледаме да ги доловиме национално-патриотските чувства низ нашите песни. Всушност се трудиме да воспоставиме македонски урнек за рокенрол. Но, сепак, и нешто наше, ново, авангардно.
Колку албуми имате издадено досега?
– Седум албуми, а последниот е „Панк кабаре“, тиражите се по приближно 500-1.000 парчиња. Задоволни сме од звукот што го создадовме на последниот албум, кој е сниман во студиото на еден од нашите членови во населбата Хром.
Слушам имате обработки на култни југословенски рок-групи на вашиот репертоар?
– Израснавме на тој југословенски рок и на тие простори и нормално е на некој начин да им оддадеме некаков тип почит на одредени музичари. Како пример ќе ја споменам песната „Соба“ од Душан Којиќ-Која, лидерот на „Дисциплина кичме“.
Каде сѐ имате свирено на концерти?
– На „Егзит“ во Нови Сад, на фјужн-сцената, на „Зајечарската гитаријада“, неколку свирки во Софија и во Белград, на „Д- фест“ во Дојран, „Пиволенд“, „Рок-фест“, каде што во 2000 година и победивме, на „Таксират“ во Скопје, „Скопје гори“, „Дојка фест“ во Дојран, „Бела ноќ“… Последен е овој концерт во МКЦ. Сакавме да биде надвор, на отворено, но моравме да се приспособиме на условите. За првпат некој во Македонија од домашните групи ја има воспоставено линијата два пејачи и тапанар напред на сцената, а зад нас на повисоко ниво три гитари.
Публиката ги знае и ги пее вашите песни, имате верни следбеници, кажете ни нешто за тој феномен?
– Да, нашите концерти се енергични, односот со публиката е интерактивен, рипаат, скокаат, пеат наши песни. Едноставно нѐ почитуваат, а и ние ги почитуваме нив. Го видовте тоа и на нашиот последен концерт. Ние создаваме автентичен македонски рок, оригинални сме, со сопствен израз, пееме, свириме и размислуваме само и само на македонски и нѐ има овде и сега. А да, не се продаваме за пари, само за пиво.
Автор: Љупчо Давчев