Песни што ме тераат да играм
„All along the watchtower“ е напишана и снимена од добитникот на Нобеловата награда Боб Дилан, за неговиот осми албум „John Wesley Harding“, во 1967 г. Во тој период САД беа во војна во Виетнам (1955-1975 г.), растеше нетрпението помеѓу белата и црната раса, социјалните незадоволства предизвикаа големи немири, тоа е периодот на Црните пантери, Мартин Лутер Кинг, Џон Синклер и неговите Бели пантери… Значи вистинско време за ваков повеќеслоен текст, но оваа изведба на Дилан немаше некој успех, не се одомаќини во публиката. Само неколку месеци подоцна Џими Хендрикс со својата тогашна група „Експириенс“ ја снима оваа песна за својот трет студиски албум, „Electric Ladyland“ во 1968 г. и прави химна на мирот, против насилството, на ослободувањето, промените што доаѓаат, химна што се пушта на секој протест. Иако текстот на песната е ист, сепак има разлика во пристапот во верзијата на Дилан и Хендрикс.
Дилан е генијален, познат е по тоа дека неговите стихови можат да се разберат на повеќе начини. Шегаџијата и крадецот како архетипски ликови се главните личности во песната. Тие разговараат меѓу себе, секој на свој начин. Нивната улога, освен да забавуваат и крадат, е да го испровоцираат (за да направат турбуленција и промена) моменталниот хиерархиски поредок. Тие двајцата ги искусиле сите позитивни и негативни работи, но другите не ги разбираат вистинските вредности. Хипиците, миротворците, оние што протестираат ги прифатија стиховите од Дилан за своја химна, но во музичка верзија на Џими Хендрикс. Според Хендрикс, значењето е повеќе негово лично. Имено, неговата издавачка куќа му ги крати/краде тантиемите за неговите изданија и тој чувствува дека е ограбен, дури одат и на суд. Хендрикс во случајов се чувствува како да е шегаџијата, а крадецот е издавачката кука.
А неверојатната магија на музиката со тие рифови, рефрени, солата на Хендрикс и помошта од основачот на „Ролинг стоунс“, Брајан Џонс, ѝ даваат на оваа песна неверојатна сила. Песна над песните. Единственото прво место на Хендрикс на топ-листите, добитник на наградата „греми“, 40-то место на списанието „Ролинг стоунс“ на најдобри песни на сите времиња. И повторно кај нас (иако песнава дојде со големо задоцнување, како и сѐ друго) многу ретко кој зборуваше за неверојатниот текст на песната, текст што го менува човековиот начин на мислење, туку многу повеќе се зборуваше за облеката и фризурата на Хендрикс, за неговата гитара и начинот на кој свири.
Љупчо Давчев