Предупредување на ОН
Глечерите се топат со неверојатна брзина и ништо не може да го спречи тоа, а глобалното ниво на морињата се зголемува повеќе од двојно побрзо отколку во првата деценија од мерењата од 1993 до 2002 година, предупредуваат ОН.
Во извештајот се наведува дека просечната температура на планетата во 2022 година била за 1,15 степен Целзиусов повисока отколку во прединдустрискиот период (1850-1900) и дека изминатите осум години биле најтопли од почетокот на мерењата, и покрај заладувањето предизвикано од климатскиот феномен Ла ниња три години по ред, пренесува АФП.
Светот би можел да собори нов рекорд на просечна температура во 2023 или во 2024 година поради климатските промени и очекуваното затоплување поради враќањето на Ел нињо, предупредуваат климатолозите.
Морскиот мраз кај Антарктикот го достигна најниското ниво
Според Светска метеоролошка организација (СМО), морскиот мраз кај Антарктикот го достигна најниското ниво досега забележано, а топењето на некои европски глечери буквално собори рекорди.
– Веќе сме во голема загуба кога станува збор за глечерите бидејќи концентрацијата на ЦО2 е веќе многу висока и постои ризик нивото на морето да продолжи да расте илјадници години. Топењето на глечерите не може да се запре, освен ако не се најде начин да се отстрани ЦО2 од атмосферата – изјави за АФП генералниот секретар на СМО, Петри Талас.
Референтните глечери се стопија многу повеќе од просекот во последните десет години. Од 1970 година, тие се стопиле за речиси 30 метри. Европските Алпи соборија рекорди кога станува збор за топење на глечерите поради комбинацијата на слаби снежни врнежи и доаѓањето на сахарски прав во март 2022 година, како и топлотните бранови од мај до почетокот на септември.
Состојбата со швајцарските глечери е особено драматична. Тие изгубија 6 отсто од нивниот волумен помеѓу 2021 и 2022 година, а од 2001 до 2022 година, дури една третина. Летото првпат не го преживеа снегот, дури и на највисоките локации каде што се прават мерења, а немаше акумулација на свеж мраз.
Сушата, поплавите и топлотните бранови погодуваат големи делови од светот, а придружните трошоци продолжуваат да растат. Топлотните бранови однесоа 15.000 човечки животи во Европа минатата година.
Емисиите на стакленички гасови не престануваат да растат
– Емисиите на стакленички гасови не престануваат да растат, климата продолжува да се менува и населението на целиот свет е сериозно погодено од екстремните временски и климатски феномени – предупреди Талас.
Тој нагласи дека оваа негативна тенденција на метеоролошките услови и сите овие параметри може да продолжат до 2060-тите, без разлика на нашиот успех во ублажувањето на климатските промени.
– Досега емитиравме толку многу ЦО2 во атмосферата што ќе бидат потребни неколку децении за да се запре оваа негативна тенденција. Веќе ја загубивме битката кога станува збор за топењето на глечерите и подигнувањето на нивото на морето, така што тоа е лоша вест – рече тој.
Според Талас, и покрај сѐ, има надеж. На прво место, затоа што зелените енергии стануваат поевтини од фосилните горива. Тој посочи и дека планетата повеќе не се движи кон затоплување од три до пет степени Целзиусови, како што беше предвидено во 2014 година, туку кон затоплување од 2,5 до три степени Целзиусови.
– Во најдобар случај, сепак би можеле да постигнеме затоплување од 1,5 степен, што би било најдобро за благосостојбата на човештвото и за биосферата и за светската економија – рече Таалас, истакнувајќи дека 32 земји ги намалиле емисиите со ефект на стаклена градина и дека тоа не се одразило на растот на нивните економии.
Од друга страна, тој изрази жалење што само половина од 193 земји-членки на Обединетите нации имаат системи за рано предупредување.