Изложба на макети, диорами и минијатури

Седмата изложба на макети, диорами и минијатури, во организација на клубот „Мајор Михајло Ивановски–Микс“, која има цел да го промовира и популаризира макетарското хоби во Македонија, ќе се одржи во наредниве три дена. Настанот започна вчера со отворање на изложбата, која ќе може да се погледне и денеска, од 10 до 20 часот, а в недела од 9 до 16 часот ќе се одржи натпревар на кој ќе бидат наградени макети во неколку категории и затворање на изложбата.
Клубот „Мајор Михајло Ивановски-Микс“ е основан од група ентузијасти што првата самостојна изложба ја одржале во 2014 година во Скопје, а една година подоцна го основаат и клубот. Оваа година е 10-годишнина од одржувањето на првата изложба. Клубот за промоција и афирмација на макетарското хоби „Мајор Михајло Ивановски-Микс“ го носи името на еден од основачите и доајени на макетарството во Македонија, кој беше воен пилот и ненадејно почина три месеци по основање на клубот. Клубот секоја година учествува на голем број меѓународни натпревари во регионот и пошироко.
Публиката ќе може да погледне макети изработени од домашни и странски изложувачи и да проследи меѓународен натпревар по пластично макетарство на кој ќе учествуваат макетари од Србија, Грција и од Турција. Посетителите ќе имаат можност да видат макети изработени од меѓународно признаени и наградувани автори, макети во разни категории и типови воздухоплови, воена техника, научна фантастика, историски диорами, минијатури и сл.
Специјалната награда „Мајор Михајло Ивановски–Микс“ ќе се додели за најдобрата макета од кој било размер со ознаки на германското „Луфтвафе“ од Втората светска војна (во чест и сеќавање на Мајорот Михајло Ивановски-Микс). „Бест од шоу“ се доделува на најдобрата макета на натпреварот.