„Јарињата Брусе одат на училиште“ од Бјорн Ф. Рорвик и Гри Моурсунд е несекојдневна и исклучително забавна сликовница за деца, која се потпира на една стара народна приказна за трите јариња, но магијата на Рорвик и Моурсунд се состои во тоа што тие ја преобликуваат бајката и ѝ даваат нов живот.
Авторот Рорвик во едно интервју вели: „Нашата задача е да создадеме приказна што е лесна и забавна за читање, дури и за родителите, зашто најверојатно тие ќе треба да ја препрочитуваат одново и одново.“
„Јарињата Брусе одат на училиште“ е дел од серија сликовници за јарињата Брусе, од кои издавачката куќа „Артконект“ досега ја има издадено и многу наградуваната „Јарињата Брусе одат на базен“. Преводот на двете книги од норвешки е на Јасминка Марковска.
Авторот Бјорн Ф. Рорвик работи во филмската индустрија и пишува книги за деца што постигнуваат огромен успех и во Норвешка и низ целиот свет.
Илустраторката Гри Моурсунд има добиено голем број награди за нејзините илустрации, меѓу кои и наградата „Браге“ во 2003 г., и наградата за најдобра сликовница на норвешкото министерство за култура 2009 г. за книгата „Јарињата Брусе одат на базен“.
Оваа книга е објавена во рамките на проектот „Соочување со неизвесноста: современа европска литература“ што издавачката куќа „Артконект“ го реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.