Во Музејот на современата уметност – Скопје е отворена самостојна изложба на светски познатиот уметник Јонас Стал – „Станица пропаганда“. Холандскиот уметник, кој е специјален гостин на музејот, е препознатлив по истражување на односот помеѓу уметноста, пропагандата и демократијата, а неодамна ја доби и
престижната награда за визуелни уметности „При де Ром“. Кураторка на изложбата е Ивана Васева.
– Еден од главните елементи што ја градат инсталацијата на Стал, специјално создадена за Музејот на современата уметност – Скопје, е видеостудијата „Пропаганден театар“ од 2023 година, преку која го сумира десетгодишното истражување за пропагандата. Ставот на уметникот е дека пропагандата не е само испраќање и манипулирање на некоја порака, туку има цел да конструира нови реалности. Според Стал, пропагандистите немаат интерес да работат во рамките на постојната реалност, туку сакаат да создаваат нови светови – велат од МСУ.
Денеска со почеток во 12 часот, во соработка со кураторката, Стал организира школа за пропаганда со наслов „Антиквизациска пропаганда. Од Скопје 2014 до Скопје – Eвропска престолнина на културата 2028“. Влезот ќе биде слободен.
Во 2021 година, Стал ја донираше на МСУ инсталацијата „Нови сојузи“, која беше дел од групната изложба „Сѐ што ни е заедничко“, а делото ќе може уште еднаш да се погледне на изложбата „Аквизиции – донации 2022-2023“, курирана од Ива Димовски, која ќе се отвори кон средината на оваа година. Стал го заврши своето докторско истражување за пропагандна уметност на универзитетот „Лајден“, Холандија. Основач е на уметничката и политичка организација „Нов светски самит“ (2012–тековно).
Заедно со драматургот и куратор Флоријан Малзахер го води тренинг-кампот „Обука за иднината“ (2018-тековно), а со адвокатот за човекови права Јан Фермон ја иницираше тужбата за колективна акција „Колективајз Фејсбук“ (2020-тековно). Стал учествувал на многу изложби, помеѓу кои: „Уметност на државата без државјанство“ (Модерна галерија, Љубљана, 2015), „Шкотско-европскиот парламент“ (ЦЦА, Глазгов, 2018), „Музеј како парламент“ (со Демократската самоуправа на Рожава, „Ван аббе музеј“, Ајндховен, 201 година – во тек) и „Бараме уште милион години“ („Фондационе Сандрето де Ребоденго“, Торино, 2022 година). Неговите проекти се изложени во светки познати музеи како: „Стеделијк“ во Амстердам, „M_ХKA“ во Антверпен, музејот „Модерна“ во Стокхолм, центарот „Помпиду-Мец“, уметничкиот центар „Нам Џун Пајк“ во Сеул, „Фрејмр Фрејмд“ во Амстердам, како и на седмото Берлинско биенале, 31-то биенале во Сао Паоло, 12-то биенале во Тајпеј и 14-то биенале во Гвангжу во Јужна Кореја.
За пропагандата и пропагандната уметност досегa ги има објавено публикации те: „Пропагандна уметност во 21 век“, „Стив Банон: ретроспектива на пропагандата“, „Пост-пропаганда“, издадена од Холандската фондација за визуелни уметности, дизајн и архитектура во 2010 година. С.Ј.