На годинашното јубилејно 45-то издание на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ по првпат на Широк сокак во Битола ќе бидат откриени ѕвезди на сите досегашни добитници на наградата „златна камера 300“, која се доделува за животен опус. Директорот на фестивалот Симеон Дамевски-Мони, во интервју за МИА откри детали за патеката, која ќе биде промовирана со свеченост достојна за ѕвезди на овој, како што вели, најстар и втор по големина и во моментов многу значаен фестивал во светот.
Оваа своевидна патека на славните ќе почнува од пред киното „Манаки“ и ќе оди кон Офицерскиот дом. Годинава ќе бидат откриени 18 ѕвезди. Шестмина од досегашните лауреати ќе присуствуваат на гламурозната свеченост, на која секој ќе ја открие својата ѕвезда. Тоа ќе го направи и годинашниот добитник на „златната камера 300“ за животен опус, францускиот кинематографер Бруно Делбонел, кој го потврдил своето присуство. Ѕвездите се изработени од месинг, со изгравирано име на кинематограферите лауреати, и вградени во плоча од мермер.
Мотото на фестивалот годинава е „Еден е Манаки“. Во Битола се очекува да пристигнат 17 врвни мајстори на филмската камера, кои за својата работа се закитиле со голем број награди од најпрестижните филмски фестивали и асоцијации. Во седумте фестивалски дена публиката ќе ужива во 65 исклучителни филмски остварувања.
Фестивалот го отвора филмот „Партенобе“, на прославениот Паоло Сорентино, кој беше хит на последниот Кански фестивал, сниман од Дарија Дантонио, претседателка на жирито на „Манаки“ од пред две години. Фестивалот ќе се затвори со македонската премиера на филмот „Убиј ги прво децата“, во режија на Димитар Оровчанец.