Според новото научно истражување, сликите на Плутон направени од мисијата „Нови хоризонти“ на НАСА открија ново изненадување – ледени вулкани. Студијата што ги детализира наодите беше објавена во списанието „Нејчр комјуникејшнс“.
– Најдовме поле со многу големи ледени вулкани, кои не личат на ништо друго што сме го виделе во Сончевиот Систем – изјави Келси Сингер, виш научник во Југозападниот истражувачки институт во Колорадо.

Според Сингер, она што ги разликува овие ледени вулкани од другите во нашиот Сончев Систем е фактот што тие немаат калдери на врвот (геолошки облици што ги создаваат вулканите кога сами ќе се срушат), што сугерира дека ледените вулкани биле релативно активни неодамна. Регионот на Плутон каде што се пронајдени ледените вулкани се наоѓа југозападно од ледената покривка Спутник Планитија, која покрива древен слив што се протега во дијаметар од 1.000 километри, пишува „Си-ен-ен“.

Двата најголеми ледени вулкани се познати како Рајт Монс и Пикард Монс. Рајт Монс е висок помеѓу четири и пет километри и зафаќа 150 квадратни километри, додека Пикард Монс достигнува околу седум километри во висина и 225 километри во ширина. Рајт Монс се смета за сличен по волумен на вулканот Мауна Лоа на Хаваите, кој е еден од најголемите вулкани на Земјата.

Вселенското летало „Нови хоризонти“ прелета над џуџестата планета и нејзините месечини во јули 2015 година, а податоците што ги собираше во тоа време сè уште го редефинираат сето она што научниците го знаат за Плутон.
На Плутон му беше доделен статус на џуџеста планета во 2006 година, кога Меѓународната астрономска унија создаде нова дефиниција за планета, а ова небесно тело не ги исполнуваше критериумите. Откривањето на ледените вулкани може да сугерира дека подземниот океан на Плутон сè уште постои и дека течна вода може да постои во близината на површината. Бидејќи, според научниците, оваа џуџеста планета има потопла внатрешност отколку што се веруваше досега, наодите отвораат интригантни прашања за потенцијалната населивост на ова небесно тело.