Актерот Џим Кери јасно стави до знаење дека верува оти Вил Смит, удирајќи му шлаканица на Крис Рок за време на „Оскарите“, не само што направи непоправлива штета на неговото наследство туку и на целата холивудска индустрија. Во интервју за „Си-би-ес морнингс“ со Гејл Кинг, Кери рече дека Смит треба да се соочи со многу поголеми последици за шлаканицата откога комичарот Рок се пошегува на сметка на неговата сопруга Џејда.

Смит не само што не беше исфрлен од настанот туку доби стоечки овации по освојувањето на „оскарот“ за најдобар актер за „Кралот Ричард“. Тој во понеделникот се извини во објава на Твитер.
– Ми се слоши од целата ситуација, која вклучуваше и овации. Во секој случај, Вил Смит требаше да биде уапсен – рече Кери во емисијата.
Покрај неговите остри зборови за ѕвездата на „Мажи во црно“, актерот комичар за публиката на оскаровската церемонија рече дека е безрбетна поради непреземањето акција.

– Холивуд е масовно без ‘рбет и навистина се чувствував дека ова е јасен показател оти повеќе не сме истиот клуб од порано – рече Кери.
Инаку, Академијата за филмски уметности и науки започна дисциплинска постапка против Вил Смит за неговото однесување на „Оскарите“ и откри дека на Смит му било кажано да ја напушти церемонијата, но одбил да го стори тоа откако му удри шлаканица на Крис Рок на сцената.