На 25 април, во Филхармонијата, со почеток од 20 часот Националниот џез-оркестар ќе одржи концерт на кој како гости ќе ги има француските уметници Пјер Миле (труба) и Бети Жардан (вокал). Диригент на концертот ќе биде маестро Џијан Емин.
Роден во средината на 1970-тите, Пјер Миле се етаблира како инспиративен инструменталист и композитор, кој покрај џез-музиката соработува со многубројни уметници од областа на рок-музиката, како и разни други жанрови, од циркуска музика до шансони. Во својата кариера има настапувано со различни музички ансамбли. Тој е лидер, колидер и композитор во неколку ансамбли, меѓу кои триото Ана Кар, дувачкиот оркестар „Кроматик музеум“, квартетот „Бласт“ и квинтетите „Ренца бо“ и „Декор-ум“.

Бети Жардан е француска пејачка што живее во Нормандија и во својата кариера често соработува со Пјер Миле. Има студирано џез-теорија на Конзерваториумот во Каен, а изучувала и индиска музика во Јужна Индија, каде што престојувала повеќе од една деценија. Таа e карактеристична по својот уникатен вокален стил и способноста да комбинира различни музички жанрови. Критиката за неа ќе забележи дека е препознатлива по „интеракцијата меѓу џезот и индиската музика, кои ѝ даваат препознатлив вокален сензибилитет и уникатност“.
На концертот со Националниот џез-оркестар имате можност да уживате во биг-бенд аранжманите на композициите и стиховите на Пјер Миле и Бети Жардан, кои истражуваат различни емотивни пејзажи и човечки врски изразени преку музика и поезија, како и широк спектар на чувства, од носталгија и ескапизам до надеж, издржливост и интроспекција. Преку поетските текстови и музичките композиции, овие двајца уметници ја истражуваат убавината на сонот, текот на времето, невиноста на детството и борбата со себичноста и стравот. Секое нивно дело рефлектира длабока врска со културните, личните и универзалните моменти, спојувајќи ја имагинацијата со искрените рефлексии, притоа славејќи ја во целост човечката природа, во сета нејзина убавина и противречности.