НАСТАН ВО МАКЕДОНСКИОТ КИЦ ВО ЗАГРЕБ

Во македонскиот Културно-информативен центар (КИЦ) во Загреб вчера загрепската публика имаше ексклузивна можност да проследи уникатен мултимедијален културен настан во чии рамки беше отворена изложбата „Македонскиот рубин – моќниот зрак на нашето срце“, како и етноконцерт на групата „Баклава“.
Етноконцертот на групата „Баклава“, која го чествува јубилејот на своето 20-годишно постоење, понуди богата програма од традиционални и авторски песни испеани на повеќе јазици. Станува збор за песни што авторката Елена Христова ги селектира од целокупниот репертоар на „Баклава“. Исто така авторката, која за второ живеалиште со години ја има Турција, ја запозна публиката со своите долгогодишни истражувања. На репертоарот се најдоа и песни од нејзиниот најнов проект „Јоруклук“. Покрај Елена Христова, која е авторка и носителка на проектот, во групата „Баклава“ членуваат петмина врвни музичари со богата музичка кариера и со автентичен музички израз, кој кокетира со различни музички стилови од класична музика, поп, рок, џез, панк, традиционална и чалгиска музика, сето тоа преточено во ворлд мјузик.
Изложбата „Македонскиот рубин – моќниот зрак на нашето срце“, македонскиот Културно-информативен центар во Загреб ја реализира во соработка со македонското здружение „Откритие“, кое е формирано во 2023 година со основна дејност – популаризација на светското и македонското минералошко богатство. Здружението „Откритие“ во својата колекција поседува вредни примероци на природни минерали, кристали и фосили, меѓу кои и примерок алги строматолити стари 1,8 милијарда години, кои се првата форма на живот на планетата Земја.
Автори на изложбата се инженерите Деан Шкартов и Илија Петковски, кои десетици години се занимаваат со промоција на природните кристали, минерали и скапоцени камења. На изложбата се претставени експонати и реплики изработени од овој скапоцен камен.