Фото: Пиксабеј

По успешното слетување на Месечината, индиската вселенска агенција лансира ракета за проучување на Сонцето како дел од својата прва соларна мисија. Ракетата остави трага од чад и оган додека научниците аплаудираа, покажа преносот во живо на веб-страницата на Индиската организација за вселенски истражувања. Речиси 500.000 луѓе го следеа преносот, а илјадници се собраа во близината на местото за лансирање за да го гледаат полетувањето на вселенското летало за проучување на сончевите ветрови, кои можат да предизвикаат поларни светлина на Земјата.

Именуван по хиндискиот збор за сонце, вселенското летало „Адитја-Л1“ беше лансирано откако Индија ја победи Русија кон крајот на минатиот месец во трката да стане првата земја што ќе слета на јужниот пол на Месечината. Иако Русија имаше помоќна ракета, индиското вселенско летало „Чандрајаан-3“ ја надмина руската „Луна-25“ и успешно слета на површината на Месечината. Вселенското летало „Адитја-Л1“ е дизајнирано да патува околу 1,5 милион километри во текот на четири месеци до еден вид паркинг во вселената, каде што објектите главно остануваат на своето место поради балансирањето на гравитациските сили, што ја намалува потрошувачката на гориво на вселенското летало. Овие места се нарекуваат точки Лагранж, именувани по италијанско-францускиот математичар Жозеф-Луј Лагранж.
– Мисијата има капацитет да направи „големо поместување во науката – рече Сомак Рејчаудхури, кој беше вклучен во развојот на некои од компонентите на опсерваторијата, додавајќи дека енергетските честички емитирани од Сонцето би можеле да погодат сателити што управуваат со комуникациите на Земјата.

На долг рок, податоците што ги собира мисијата ќе помогнат подобро да се разбере ефектот на Сонцето врз климатските модели на Земјата и причината за сончевиот ветер, серија честички што патуваат од Сонцето низ Сончевиот Систем, велат научниците од ИСРО.