Познатиот македонски композитор, гитарист и продуцент Боби Серафимо со години остварува соработки низ целиот свет, сакајќи својата музика да ја рашири надвор од нашите граници и успевајќи во тоа. Негов последен интернационален проект е соработката со Канаѓанката Елизабет Ертел, која живее и работи во Торонто.
– На мое големо задоволство, неодамна снимив песна со една прекрасна дама од Канада, Елизабет Ертел, која ја отпеа мојата песна “I am alive“, чиј комплетен автор сум јас, бидејќи ги потпишувам музиката, текстот и аранжманот, а стојам и зад продукцијата. Елизабет е сестрана личност, таа е позната пејачка, глумица, но работи и како фотомоделка, а пишува и поезија – ни рече Боби Серафимо.
И Елизабет исто така е задоволна од нивната прва заедничка песна.
– Навистина уживав во создавањето на оваа мелодија, како и мојот продуцент Роб Стив, иако сѐ се случуваше на далечина. Наедно сакам да му се заблагодарам на Боби Серафимо, кој ја иницира соработката, и се надевам дека во нашата втора песна ќе има повеќе пеење, бидејќи оваа нумера е повеќе амбиентална. Поздрав до сите во вашата прекрасна Македонија – изјави Елизабет Ертел преку видеопорака.
Интересно е дека, како и многу други соработки периодов, и оваа се одвивала онлајн, но сѐ функционирало одлично. И во видеото амбиентот снимен во природа, во околината на Торонто, одлично се вклопил во уникатните пејзажи на Кокино, каде што Боби ги отсвирил своите соло-делници.
Во меѓувреме, тој работеше на музика на неколку филма и сега, како што вели, веќе е автор на музика на шест филма, пет снимени во САД и еден во Индија.
– Неодамна потпишав договор со една од најпознатите компании, која ги застапува авторите на филмската музика. Станува збор за „Џеф Кауфман еџенси“, која е со светско реноме и се наоѓа во Холивуд, САД – вели Серафимо.