Мртво Море, односно соленото езеро што беше познато како популарна туристичка дестинација во минатиот век, го чека неизвесна судбина.
Имено, од 1960-тите, па до денес, а поинтензивно од 1980-тите наваму, езерото изгубило околу една третина од својата површина. Водата од езерото испарува поинтензивно од претходно, поради подолгите периоди на суша, а солта што останува по испарувањето на водата предизвикува формирање длабнатини. Овие дупки во земјата се со значителни размери, а некои од нив се длабоки и до десет метри.
Езерото го полни со вода реката Јордан, но бидејќи државата Јордан ја користи реката како извор на вода за пиење и за наводнување на земјоделското земјиште, тој извор е недоволен за одржување на нивото на Мртво Море. Од 1.300 милиони кубни метри што стигнувале до езерото во 1930-тите, денес тоа количество е намалено на само 300 милиони кубни метри, што не е доволно за одржување на нивото на водата во езерото поради сѐ поинтензивното испарување.
Езерото беше прогласено за загрозено во 2006 година и оттогаш не е донесено никакво конкретно решение како да се спаси. Планирана е изградба на канал во должина од 300 километри што ќе го поврзе езерото со Црвено Море, но сѐ уште нема индикации дека ќе започне изградбата. Проценетата цена на потенцијалниот проект е пет милијарди долари.
Сè додека не се најде решение, научниците сметаат дека процесот на намалување на Мртво Море и создавањето дупки ќе бидат неизбежни, што значи дека Мртво Море на крајот на овој век би можело да се сведе на димензиите на помал канал.