НОВ ЧЕКОР ВО БОРБАТА СО КОВИД-19

„Емаргекс“, компанија со седиште во Велика Британија, наскоро ќе започне со клинички испитувања на втората генерација вакцини против коронавирусот во форма на фластер, користејќи Т-клетки за убивање на инфицираните клетки, што притоа овозможува подолготраен имунитет од оној што се создава со инјектирање на постојните вакцини, пренесува „Гардијан“. „Емаргекс“ е основана во Абингдон пред пет години и е вклучена во развојот на вакцини за Т-клетки, дизајнирани од проф. Томас Радемахер, извршен директор на компанијата и почесен професор по молекуларна медицина на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Лондон.
Ваквите вакцини ги „упатуваат“ Т-клетките да ги отстранат инфицираните клетки од телото веднаш по инфекцијата, со што се спречуваат репликацијата на вирусот и развојот на болеста. И додека антителата произведени по вакцинацијата со постојните вакцини против ковид-19 се прилепуваат на вирусот и на тој начин го оневозможуваат во обидот да ги инфицира клетките, Т-клетките ги наоѓаат и уништуваат заразените клетки. Треба да се напомене дека вакцините како што се „Фајзер/Бионтек“ и „Астра Зенека“ исто така произведуваат одговор на Т-клетките, но во помала мера. Компанијата „Емаргекс“ доби зелено светло од швајцарскиот регулатор за лекови за спроведување на првичните испитувања на луѓе во Лозана.
Почнувајќи од Нова година, 26 волонтери ќе добијат високи и ниски дози од новата експериментална фластер-вакцина против ковид-19, а прелиминарните резултати од студијата се очекуваат во јуни. Вакцината би можела да биде завршена во 2025 година.
Робин Коен, комерцијален директор на компанијата, вели дека постојните вакцини против ковид-19 главно предизвикуваат одговор со антитела што слабее со текот на времето, што значи дека на луѓето им требаат дополнителни „засилувачки“ дози за да останат заштитени од вирусот.

– Вакцината на „Емаргекс“ работи поинаку, бидејќи брзо ги уништува инфицираните клетки, што значи дека би можела да гарантира подолготраен имунитет, кој најверојатно ќе трае со децении и подобро ќе се бори против мутациите на вирусите – објаснува Коен.
Научниците се согласуваат дека ова откритие би можело да го отвори патот за нова генерација вакцини што реагираат на Т-клетки, што исто така може да резултира со подолготраен имунитет.
Студијата објавена минатата недела во списанието „Натура“ покажа дека некои луѓе доживуваат таканаречена „абортивна инфекција“, што значи дека вирусот успева да навлезе во телото, но многу брзо Т-клетките на имунолошкиот систем го чистат телото од инфекцијата. Ова на крајот резултира со негативен резултат на ПЦР-тест или брз тест за ковид-19.
Сара Гилберт, професорка на Универзитетот во Оксфорд, која ја разви вакцината „АЗ/Оксфорд“, со Т-клетките работи повеќе од една деценија, како дел од истражувањето за вакцината против грип. Вакцината на крајот би се администрирала во форма на минијатурен фластер, обложен со микроигли што би ја ослободиле вакцината за неколку секунди. Може да се чува на собна температура до три месеци, за разлика од другите вакцини, кои треба да се чуваат во замрзнувач или фрижидер. Лошата вест е тоа што вакцината на „Емаргекс“ би можела да биде достапна дури во 2025 година, што е вообичаена временска рамка за развој на вакцина.