Германската армија тренира кучиња за откривање нови видови на коронавирусот кај луѓето, пишува германското списание „Дер шпигел“.
Како дел од проектот што заеднички го имплементираат германската армија и Фондацијата на факултетот за ветеринарство во Хановер, стручен персонал обучува кучиња во Центарот за обука на кучиња во градот Улмен, за да можат да го детектираат вирусот во човечката плунка.
Во обуката учествуваат вкупно десет кучиња – германски овчари, ретривери и кокер шпаниели. Идејата за проектот се појавила, бидејќи овие кучиња не само што можат да детектираат експлозиви или дроги од хемиски состав туку и да чувствуваат разни видови тумори и хипогликемија кај дијабетичарите. Германските истражувачи, вклучени во ова истражување, се оптимисти и на крајот очекуваат позитивен исход од проектот.
Сепак, како што покажале две научни студии, постои ризик кучињата исто така да се инфицираат, бидејќи, иако во доста ретки случаи, и милениците можат да бидат заразени со вирусот преку луѓето.
Освен во Германија, кучињата и во некои други земји, како САД, Финска и Велика Британија, се обучуваат за откривање ковид-19. Покрај преку плунката, вирусот може да се открие и преку урина и пот.