Вевчанскиот карневал е прогласен за културно наследство од особено значење, во поткатегоријата исклучително значење. Со оваа одлука на Владата се овозможува зачувување и афирмација на машката василичарска поворка како дел од зимските обреди со маски, која е зачувана и се практикува во автентична и интегрална форма од локалната заедница во општината Вевчани.
Како што е наведено во одлуката, по своите карактеристики „Обредните поворки со маски (карневал) – василичари во Вевчани“ се издвојуваат со својата автентичност и зачуваност на формите на маските, василичарското оро, верувањата и обредните практики.
За василичарите во Вевчани се утврдува режим на заштита од прв степен, со повеќе мерки на заштита. Преку поддршка и поттикнување на носителите за изработка на автентични маски ќе се обезбеди одржливост на древната манифестација, ќе се обезбеди пренос на знаењата за изработка на маските и вештините за свирење на традиционалните музички инструменти што се дел од поворката. Од особено значење е што традицијата на еден од најстарите карневали во светот ги вклучува и младите генерации и се зачувува како културно наследство.
Со донесувањето на одлуката за прогласување на василичарите во Вевчани за културно наследство од особено значење, во поткатегоријата исклучително значење, се обезбедува воспоставување трајна заштита на доброто и негова категоризација во согласност со Законот за заштита на културното наследство.