Потпрена на енергиите, сензибилитетите, виртуозноста и естетиките на творци како Никола Стојковски и Петар Христов и зачинета со љубовта и желбата за личен исчекор во нови неба на Добрила Грашеска, „Контемплација“ е објава чија звуковност несомнено ќе ги надмине времето и просторот во кои е обнародена. Таа е жив доказ дека духовноста и потребата за слободен лет со ништо и од никого не можат да се ограничат

Никола Стојковски – „Фин проџект“

Зад новото ЕП или макси-сингл „Контемплација“ на „Фин проџект“, алијас Никола Стојковски, и на виртуозот на кларинет, саксофонист, мултиинструменталист Петар Христов, на кое гостинка е Добрила Грашеска, застана „М-Сол рекордс“, кој верно ја следи линијата на петте нивни досегашни наслови. Изданието рефлектира длабока почит кон традицијата и желба за со ништо условена комуникација со светот, а во него е бележито и ехото на некои епски моменти од македонската музика најсвежо чуени од класиците на дружини („Мизар“, „Анастасија“)…

Изданието го води слушателот во непрегледните пространства на духовноста, едновремено донесувајќи амбиент во кој се вкрстува македонската емотивност со музиката на светот, џезот и електронската музика. Како започна и како се развиваше идејата за ваквиот исчекор?
– Духовната музика и нејзината мистичност отсекогаш ми биле исклучително инспиративни. Впрочем, нејзиното влијание е забележливо и кај голем дел од музиката што сум ја слушал од раната младост до денес. Дали станува збор за класична музика, како Чајковски, Шуберт, Чесноков, Рахмањинов, Аврамовски, Рихтер и други, до музиката на светот, како „Мизар“, „Анастасија“, „Дед кен денс“ и др. И во претходните мои музички материјали фузијата со оваа музичка форма и стил беше видливо застапена. Како и секогаш, и овој пат спојот на енергии и сензибилитети на соработници во еден музички егрегор резултира со дело што е насловено „Контемплација“. Огромно задоволство ми причинува тоа што за првпат соработував со прекрасните Петар Христов (кларинет, лира, вокал) и Добрила Грашеска (вокал), музичари што со својата виртуозност и музичка естетика направија оваа музика да звучи безвременски, носејќи го слушателот во длабок фокус, истовремено до спокој и возбуда.
Може ли звуковноста и уметноста барем за малку да нѐ запрат и да нѐ натераат да размислиме за светот во кој живееме, да нѐ насочат кон духовноста и вистинските вредности?
– Не би сакал да звучи прегрубо, но денешниот свет изгледа карикатурално во однос на она кон кое се стремеа човештвото и неговата култура. Војни, неморал, корупција се само мал дел од сликата што го одразува времето денес. Мојата „утопија“ е да ги истакнам еднаквоста, хуманоста, правдата и човечноста низ текстовите и насловите на изданијата. Велам утопија затоа што чувствувам и гледам дека сѐ повеќе луѓе се предаваат пред ова безредие, затворајќи се во свој микросвет и песимистички живеејќи го секој следен ден. Не секој има волја и капацитет да испроцесира работи што би помогнале барем за миг да подразмисли кон што води таа деструкција, која е резултат на неквалитетниот систем на образование и алчноста по материјалното. Но, овој факт не треба да нѐ поколеба барем на младите генерации да им го осветлиме патот, потенцирајќи ги чесноста, човекољубието, еднаквоста, чувството за личен и колективен суверенитет, вербата во себе и во подобро утре. За многумина ова звучи банално, но токму затоа е таква оваа денешница. Слободата, љубовта и чесноста се основа за убав и функционален свет.
Изведбата на Добрила Грашеска внесува јужна сончевина во музиката што ја креиравте. Значи ли тоа можност за идни соработки во кои и таа би излегла од форматот по кој е општоприфатена кај публиката?
– Неизмерно сум среќен што низ сиве овие години соработував со прекрасни пред сѐ луѓе и фантастични музичари. Соработката со Добрила е еден таков пример. Сите оние што ја познаваат, знаат дека таа нејзина енергија и љубов кон музиката се исклучителни, во што имав можност да се уверам и јас веднаш по мојата покана да ни гостува на овој материјал. Задоволството од создаденото е огромно и заедничко, и сигурно е основа за идна соработка.
Зошто и овој пат се решивте изданието да биде присутно не само на светските стриминг-сервиси туку и како физичко издание?
– Точно. И овој пат се потрудив музичкиот материјал да има и свое физичко издание што соодветствува на времето на аудиотехниката. Прекрасно стилизираниот и уникатен УСБ драјв беше изработен со цел секој да може да ја слушне нашата музика во врвен мастерквалитет и на кое било место.
Реално, во срединава во која битисуваме не остана нималку простор за културата и нејзините добра. Како да му се вратиме на несомнено потребниот дијалог со народите, музиките, традициите?
– Со здрав образовен систем, нови системски решенија во областа на културата и верба во оние работи што ги споменав претходно, вистинските вредности несомнено ќе треба да им ги трасираме на идните генерации. Поразително е да сме сведоци на време во кое ниеден македонски медиум нема редакција за култура, музичката критика од неколкумина новинари стои на маргините, а во исто време се создава лажна перцепција дека информа
циите од оваа област се небитни или, како што би рекле тие, „неатрактивни“. Токму немањето свест за важноста на уметноста и културата воопшто е една од главните причини за состојбата. Друг проблем се политизацијата на културата и постоењето на „кенсел култура“, за што сведочат безброј примери, кои нема потреба да ги набројувам. Едноставно, мислам дека вистински луѓе на вистински места со културен, морален и етички интегритет се решение за оваа состојба.

Музиката на „Фин проџект“ подолго време е присутна на глобалната сцена, па колку ваквата видливост може пошироко да ви ги отвори портите на интернационално ниво?
– Знаете дека и на светско ниво постојните културолошки и јазични разлики се бариера што и не толку лесно се премостува. Тоа е еден од показателите дека и глобално развојот на културата оди бавно, и покрај развојот на технологијата и можноста за брза информација. Присутноста на „Фин проџект“ надвор од границите на Македонија е резултат на неколку нешта. Музичкиот израз, нивото на продукција, соработката со издавачи и артисти низ светот се основата за поширокиот прием на музиката што ја создавам. Се разбира дека во основа станува збор за соработници што ги немаат тие културолошки бариери, луѓе што се отворени за сѐ што е квалитетно. Приемот на „Фин проџект“, особено на публиката од регионот и просторот на бивша Југославија, е одличен, секако тука се и европските земји, во последно време и Африка и Азија. Соработката со интернационални издавачи е важна за секој артист да стигне до што побројна и различна публика. Убаво е кога музиката има свои слушатели низ целиот свет.
Зад себе имате и дузина длабоко промислени концертни настапи, но стои и фактот дека не сте често очи во очи со публиката. Зошто?
– Како автор и продуцент на сѐ што значи „Фин проџект“, се трудам комплетниот аудиовизуелен идентитет да го замислам и реализирам на автентичен начин и во најдобра можна форма. На македонската музичка сцена, овој музички израз не спаѓа во категоријата мејнстрим или, пак, популарна музика, но има одреден број слушателска публика што го цени сето тоа. Засега, концертните настапи не се приоритет, станува збор за настапи на неколку фестивали и пет самостојни концерти. Можеби во иднина почесто би се појавувале на концертните сцени.
И, да се вратиме на „Контемплација“. Нејзиното споделување со публиката е во зародок, а вие со Петар Христов веќе влеговте во студиото да го започнете снимањето на новиот продукт? За каков исчекор станува збор?
– Да, максимално е инспиративна соработката со Петар. Сличните сензибилитети и музички интереси, поривот за истражување нови форми и создавање музика се предуслов за убави нешта. Веќе работиме на нов материјал што во таква форма досега не е работен на македонската музичка сцена. Не би откривал детали, но ветуваме извонредно инспиративна музика наскоро.

Љупчо Јолевски