„Тупаници“ од Пјетро Гроси на македонски

Деновиве излезе од печат романот „Тупаници“ од Пјетро Гроси во издание на „Или-или“. Преводот од италијански на македонски јазик е на Катерина Сотирова.
Раскажани со штедлив и моќен глас што потсетува на Хемингвеј, Селинџер и Остер, трите приказни на Гроси го истражуваат обредот на премин од детски во возрасни години, со кој секој од нас се соочил – и што значи да се биде човек во овие модерни времиња. „Тупаници“, „Коњи“ и „Мајмун“ се три моќни приказни за полнолетството на момчињата што се соочуваат со реалноста и се борат да останат живи во машкиот свет. Во „Тупаници“, тинејџер боксер-аматер за првпат влегува во рингот и се наоѓа во судир со Животот во сета негова мускулеста сила; во „Коњи“, двајцата браќа на прагот од зрелоста учат да ја играат машката игра на својствен, болен начин; а во „Мајмунот“, еден млад човек сфаќа дека за да останеме здрави и да преживееме на овој свет, треба да ги жртвуваме нашите детски соништа.
Пјетро Гроси, писател и преведувач, е роден 1978 година во Фиренца, a моментно живее и работи во Тоскана. Во 2006 година ja објави книгата „Тупаници“, која стигна до финалето на многу книжевни награди.