фото: ЛС Прилеп
Во Домот за стари лица, „Киро Крстески-Платник“ во Прилеп, со помош на Локалната самоуправа, Центарот за развој на Пелагонискиот регион, се поставени фотоволтаици и систем за топла вода, инвестиција вредна над  6.700.000 денари. Со оваа инвестиција старскиот дом станува енергетски ефикасна со константно обезбедување на топла вода и електрична енергија од обновливи извори.
Реализиран е регионалниот проект „Зајакнување на институционалните капацитети во Пелагонискиот регион за подобрување на социјалните услуги и заштита на животната средина“ кој беше аплициран во текот на 2022 година од страна на општина Прилеп и Јавната општинска установа, а реализиран преку Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион и Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој.
– Како локална самоуправа, чии приоритети се: намалување на трошоците, заштеда на енергија, заштита на животната средина, енергетска ефикасност и користење обновливи извори за енергија, во Домот за стари лица „Киро Крстески – Платник” поставени се 100 фотоволтаици и 30 термални колектори, надополнети со термална пумпа. Со инвестицијата ќе се генерира заштеда и подобрување на условите и социјалните услуги на старите лица кои живеат во домот, кој е навистина сериозен потрошувач на енергија. Според нашите анализи, од сите институции кои се во надлежност на општината, оваа институција е една од најголемите потрошувачи на енергија (прва меѓу нив е и пречистителната станица). Затоа одлучивме, токму тука да инвестираме заради подобрување на квалитетот на животот на корисниците, заштеда на енергија и намалување на трошоците, бидејќи оваа институција константно работи 24 часа дневно, 365 дена во годината – рече градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, потенцирајќи дека ваквите и слични проекти ќе продолжат да се реализираат и во урбаната и во руралната средина.
Директорот на Домот, Благојче Стојаноски, посочи дека со инвестицијата ќе се намалат значително трошоците за греење и ладење во домот за 40 отсто, ќе се намалат и трошоците за набавка на екстра лесно гориво и ќе се подобри личната хигиена на штитениците, но и ќе се овозможи заштита на животната средина со примената на ваквиот систем на греење и ладење.
Според директорот на Центарот за развој на пелагонискиот плански регион, Јосиф Балтов, и во иднина ќе продолжи соработката со општина Прилеп, а со овој проект се заокружува еден циклус на проекти за енергетска ефикасност.
– Во моментот се работи на изведба на таложник за Пречистителната станица Прилеп,со кои ќе се заштити животната средина од отпадните води –  изјави Балтов.
Домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“ згрижува 150 штитеници од цела Македонија.
Ка.М.