По најавата за дигитализација
Државниот архив, во соработка со Британската библиотека, неодамна најави дека во наредните две години ќе ги дигитализира целокупниот материјал и оставината на браќата Манаки. Проектот за соработка со Британската библиотека и за дигитализација на целокупното творештво на браќата Манаки веќе е потпишан од страна на директорот на Државниот архив, Емил Крстески, а овој проект главно ќе го води тим на Државниот архив – oдделение Битола, предводен од раководителот Гоце Стојановски.
– Во договорот, меѓу другото, се потенцира дека главна цел е комплетната дигитализација на документите и фотографиите на првите филмаџии на Балканот, Јанаки и Милтон Манаки. Материјалите се наоѓаат во Државниот архив – одделение Битола, кое главно ќе ја спроведе целосната дигитализација. Во Државниот архив имаме над 7.000 стаклени негативни плочки, над 3.000 ролни филмска лента и над 10.000 оригинални фотографии од крајот на 19 век, па сѐ до смртта на Милтон во 1964 година. Оваа наша збирка на фотографии и филмски материјали е една од најзначајните на Балканот – најави директорот на Државниот архив, Емил Крстески.
Во фотозбирката на Манаки во Архивот – Битола се наоѓа и џебниот, односно мобилниот фотоапарат, што пред повеќе од сто години го користеле браќата Манаки за да ги овековечат случувањата на Балканот. Апаратот „Р.А. голдман“ бил набавен од Виена, а зачуван е до денес. Со овој апарат можеле да направат осум фотографии на настан.
Фондот „Браќа Манаки 580“ во Државниот архив во Битола бил откупен во 1965 година и се состои од импозантен фотографски материјал, опрема и лични документи. Познатата „камера 300“ и фотоопремата од 14 предмети се чуваат во специјални лимени ормани по стандарди за заштита, во случај на елементарна непогода да останат неоштетени. Стаклените плочи и филмови исто така се сместени во дрвени и лимени ормани, а документацијата во шест кутии. Со фондот е дозволено ракување само со ракавици. Стаклените плочи во Архивот во Битола се сместени во дрвени и лимени ормани, а дозволено е ракување само со ракавици.
Се прават обиди конечно фондот да биде прогласен и за национално богатство.
– Да биде истакнат како културно наследство од особено значење, во поткатегоријата национално богатство. Тоа ни е многу важно како институција што повеќе од 60 години го поседува овој материјал. За таа цел треба да се изработи елаборат, кој ќе биде проследен до надлежните органи, со цел да го имаме тоа национално богатство во нашето депо – изјави раководителот на Одделението во Битола, Гоце Стојановски.
Се предвидува и да се отвори спомен-соба за браќата Манаки, нешто што Битола уште го нема. Станува збор за желба што пред смртта ја искажал и самиот Манаки во последното интервју во Радио Битола, дека бил верен на својата камера и Битола и дека би сакал еден ден да ја има таа спомен-збирка или спомен-соба во неговиот град.
Годинава се навршуваат 140 години од раѓањето на Милтон Манаки, што ќе се одбележи со голема изложба.