Викендов на „Охридско лето“

Врвно естетско доживување за многубројната публика на „Охридско лето“ приредија виртуозот на виолина со светско реноме Стефан Миленковиќ и камерниот оркестар „Камерата Нови Сад“ од Србија, викендов на Долни сарај, во рамките на Српската вечер на фестивалот, велат организаторите. Српската вечер ја отворија директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, и министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ.
Виолинистот Стефан Миленковиќ, кој ужива светска слава, е поврзан со Охрид уште од мали нозе и секогаш, како што вели, се враќа со огромно задоволство.
– И приватниот и уметничкиот живот ми е исполнет со спомени од Охрид. Мојот прв концерт во Охрид беше кога имав седум години и оттогаш многупати сум бил во Охрид, кој е неизбришлив дел од мојата лична и уметничка историја – кажа Миленковиќ.
Српските уметници, кои настапија синоќа на Српската вечер на „Охридско лето“, Стефан Миленковиќ и камерниот оркестар „Камерата Нови Сад“, го изведоа атрактивниот проект „Кармина Бурана“ на музика од Карл Орф, а во режија на Ана Крстајиќ. Тие нѐ потсетија на творечкиот артизам на таткото на американската класична музика Џорџ Гершвин, изведувајќи ги неговите „Три Прелудиуми“, а ги отсвирија композицијата „Лето“ од Астор Пјацола, соодветна за летниот амбиент под ведрото небо над Долни Сарај, и „Боемската рапсодија“ на Фреди Меркјури и групата „Квин“.
Како што истакна директорката на „Охридско лето“, предизвик е секоја следна година фестивалот да биде поголем и позначаен, да се дополнува и надградува благодарение на поддршката што ја добива од Министерството за култура, од спонзорите и помагателите, но и од амбасадите во Македонија преку кои успева да донесе плејада славни и реномирани уметници.

– Горда сум што токму тука, на најубавата сцена, благодарение на српската амбасада ги имаме најголемите светски уметници што ќе ја дополнат врвната уметничка вредност што ја негуваме со години. „Охридско лето“ со вечерашниот концерт „Кармина Бурана“ со светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ и ансамблот „Камерата Нови Сад. Во надеж дека нашата соработка ќе продолжи и следните години и заедно ќе ја градиме богатата културна традиција на „Охридско лето“ ви изразувам искрена благодарност за поддршката што ни дава уште поголем мотив да ја негуваме љубовта кон уметноста – рече Поповиќ.
Српскиот министер Никола Селаковиќ рече дека Охрид и „Охридско лето“ ги запознал пред 19 години кога како студент по право избегнувајќи ги летните белградски горештини дошол во Охрид и се нашол помеѓу публиката на фестивалот токму на Долни сарај.

– Тогаш се родија и многу пријателства и кумства. Горд сум што вечерва ѝ се вратив на љубовта од младоста, а тоа, секако, се Охрид и „Охридско лето“. Овој фестивал ја слави културата, а културата не е култура ако зад неа не стои јазикот – рече Селаковиќ.
Тој изрази посебна благодарност за организацијата на Српската вечер што ја организира фестивалот.
– Задоволството е дотолку поголемо што музичката уметност на Србија, која има долга и богата традиција, вечерва ќе ја претстави нашиот прославен виолинист Стефан Миленковиќ. Стефан е уметник од светска класа кому не му е потребен посебен вовед и чии настапи низ светот ги воодушевуваат љубителите на музиката. Покрај него, годинава на фестивалската програма од Србија ќе настапат и балетскиот оркестар на Српскиот народен театар од Нови Сад, пијанистот Александар Џермановиќ и виолончелистката Ирена Јосифоска, како и Народниот театар од Белград и Југословенскиот драмски театар со претставите „Војна и мир“ и „Вујко Вања“ – истакна Селаковиќ.