Фото: Охридско лето

Репертоарот на класична музика на „Охридско лето“ вчеравечер продолжи со концерт на македонскиот виолинист Емир Имеров и израелскиот пијанист Ваг Папиан.
Извонредните музичари ноќта ја започнаа со „Скерцо“ од Јоханес Брамс, а ја продолжија со композицијата „Фантазија во C-dur D934“ од Франц Шуберт. Репертоарот беше заокружен со прекрасна изведба на Бетовеновата „Соната бр.9 A-dur оп.47 „Кројцер“.

Емир Имеров е роден во Скопје, а живее во Германија од 1991 година. Студира на Музичката академија во Вурцбург со професорот Г. Жислин во чија класа дипломира во 2000 година. За време на студиите освојува прва награда на натпреварот „Ф. Менделсон“ и добива двегодишна стипендија. Долг период настапува со квартетот „Виртуози на Санкт Петербург“ на турнеи во САД, Австралија, поранешен СССР и Германија. Во 1998 година со неговото клавирско трио освојува прва награда на натпреварот во Тулуз, а истата година тој е добитник на втора награда на натпреварот за виолинисти во Ташкент. Од 2004 година е концерт-мајстор на Симфонискиот оркестар на театарот во Крефелд-Минхенглајдбах и од 2010 година на ансамблот „Европски солисти“ во Луксембург. Член е на клавирското трио „Бенџамин“ заедно со Ваг Папиан и Александар Кагановски.

-Ова е мој трети пат настап на фестивалот „Охридско лето“, еднаш со виолинистот Максим Венгеров, вториот пат со нашето трио „Бенџамин“, и еве, вечерва повторно ќе свирам за одличната публика. Многу ми значи овој подиум затоа што „Охридско лето“ е еден од најреномираните фестивали во Европа и пошироко. Со колегата Папиан често настапуваме со нашето трио, но и како дуо – рече виолинистот Имеров.

Реномираниот пијанист и диригент Ваг Папиан кариерата ја започнува во 1979 година по победата на Меѓународниот натпревар „Виана да Мота“. Дипломира пијано на Московскиот конзерваториум, а потоа студира и диригирање во класата на Иља Мусин на Конзерваториумот во Санкт Петербург. Во 1984 година станува асистент диригент на Ерменската филхармонија, а подоцна станува и уметнички раководител и шеф диригент на овој оркестар. Откако емигрира во Израел во 1990 година, како диригент работи со оркестарот во Бир Шива и со Симфонискиот оркестар во Ерусалим. Диригира со бројни оркестри низ светот, настапува на престижни фестивали, а како камерен партнер на виолинистот Максим Венгеров остварува бројни снимки за Еми Класикс. Во сферата на операта диригира продукции на „Кармен“, „Дон Џовани“ и „Норма“, а во моментот е гостин диригент во Националната опера во Ерменија и професор на академијата „Самуел Рубин“ во Тел Авив, а е гостин предавач на високи музички школи во неколку европски земји. Член е на клавирското трио „Бенџамин“.