По повод Денот на независноста

По повод 8 Септември, Денот на независноста на Македонија, под мотото „Гласник на слободата“, ќе се одржат пригодни манифестации, изложби, концерти, проекции. Под насловот „Отворен ден за граѓаните“ ќе бидат отворени за посета, со бесплатен влез, повеќе културни установи, музеи и галерии и археолошки локалитети.

Во чест на Денот на независноста, 8 Септември, Музејот на македонската борба за самостојност подготвува посебна мултимедијална програма со слободен влез за сите посетители. Од 10 до 14 часот на повеќе локации во музејот ќе бидат презентирани „Видеоприказни од музејската архива“, кои меѓу другото вклучуваат музејски стории за седум исклучителни жени од македонската историја: Оливера-Вера Јоциќ, Роса Плавева и Калипсо Налча; презентации на раритети од музејскитe збирки; автентични снимки од подготовките за Илинденското востание од 1900 година; спомени од Првата светска војна, како и снимки од референдумот и прогласувањето на независноста во 1991 година.

Во оваа национална установа, денеска, во 12 часот, гудачкиот квартет „Луј“ од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ од Скопје (кој го сочинуваат младите музички уметници: Божана Гошева – прва виолина, Илија Јовчев – втора виолина, Никола Соколовски – кларинет, Александар Ицковски – виолончело) ќе одржи концерт на кој ќе бидат изведени дела од Равел, Дворжак, Пјацола и други. Посетителите ќе имаат можност да ја разгледаат и привремената изложба „Темелник на државноста“, посветена на клучните настани во формирањето на државата – Илинден 1903, Илинден 1944 и прогласувањето на независноста во 1991 година.

Националната опера и балет се приклучува во прославата со концерт на познати оперски арии, кој вечерва, во 20 часот, ќе се одржи пред платото на институцијата. Оперските солисти од Националната опера и балет: Билјана Баевска (сопран), Нико Ѓоргиевски (тенор), Виктор Битовски (тенор), Надежда Рубен (сопран), Билјана Камчева (сопран) и Марија Наумовска (сопран), со пијано-придружба на Елена Сиљаноска, ќе изведат популарни арии од познати оперски дела од Пучини, Маскањи, Чајковски, Гершвин и Бернштајн.

Во Кинотеката ќе има проекција на две успешни македонски филмски остварувања на автори од помладата генерација, кои ја обележија поновата македонска продукција, филмови што имаат позитивен прием кај критиката и многубројни награди. По повод Денот на независноста, во Кинотеката во 18 часот ќе се прикаже еден од најтрофејните македонски документарни филмови, „Медена земја“, во режија на Тамара Kотевска и Љубомир Стефанов. Во 20 часот ќе се прикаже филмот „Исцелител“, кој е прв дебитантски долгометражен филм на режисерот и сценарист Ѓорче Ставрески.

Театарот за деца и младинци, една од омилените институции во државава, кај Школката во Градскиот парк во Скопје, во рамките на програмата, од 11 до 14 часот, за својата верна публика ќе ја изведе претставата „Гига мега бајка“, во режија на Хана Миленковска, дело на Горјан Милошевски (по мотиви од Ш. Перо).

Бесплатно ќе бидат отворени археолошките локалитети Стоби, Херaклеја, Баргала, мегалитската опсерваторија Кокино, меморијалниот центар АСНОМ-Пелинце, потоа Куќата на Робевци во Охрид, црквата „Свети Спас“ во Скопје, Музејот на отворено во Тумба Маџари во Скопје, Музејот за тутун и „Участакот“ во Прилеп, Турската пошта и галеријата на икони во црквата „Свети Петнаесет Тивериополски маченици“ во Струмица, Спомен-куќата на Тодор Проески во Крушево, Спомен-куќата на Мајка Тереза, Археолошкиот музеј – Скопје, Музејот на македонската борба за самостојност, Музејот на Македонија, Природонаучниот музеј, Музејот на современата уметност, Националната галерија: Даутпашиниот амам и Чифте-амам, како и Уметничката галерија во Тетово.

Низ државава, во рамките на програмата „Отворен ден за граѓаните“, вратите ќе бидат отворени и во музеите и во заводите во Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Штип, во музеите во Струга, Куманово, Гевгелија, во Историскиот музеј во Крушево, во Музејот на тетовскиот крај, како и во Музејот на албанската азбука – Битола и во Музејот на Западна Македонија во НОВ – Кичево.

Во овие национални установи посетителите ќе имаат можност да се запознаат со постојаните археолошки, етнолошки и историски поставки што се наоѓаат во установите и кои претставуваат пресек на културниот и историскиот развој на овие региони.