Во издание на „Бата прес“ е објавен романот „Библиотекарката од Аушвиц“ од познатиот шпански писател Антонио Г. Итурбе. Книгата од шпански на македонски јазик ја преведе Катерина Јосифовска. Ова е уште една од десетте книги од десет различни европски јазици што „Бата прес“ ги објавува во минатата и оваа година, во рамките на проектот „Отворени книги – отворени граници“.
Делото се темели на вистинити настани во логорот на смртта Аушвиц и искажувањата на преживеаната Еврејка Дита Краус. Ова е неверојатна приказна за девојчето што го ризикувало својот живот за да ја зачува магијата на книгите за време на злосторството и која очи во очи се сретнала со ангелот на смртта Јозеф Менгеле, со германските воени злосторници Адолф Ајхман и Рудолф Хес, кој бил командант на логорот, во кој, според официјалните бројки, биле погубени и во најголем број изгорени над милион и сто илјади луѓе.
Првата промоција романот ја има на „Фестивалот на книгата 22“, мал саем на книгата што се одржува на отворено пред спортскиот центар „Борис Трајковски“, а официјалната промоција ќе биде кон крајот на септември, кога е најавено доаѓањето на авторот Итурбе, како гостин на издавачката куќа во Скопје.
Антонио Гонзалес Итурбе е писател, новинар и универзитетски професор. Роден е во 1967 година, а уште од рана возраст живеел во Барселона. Негова најпозната книга е „Библиотекарката од Аушвиц“, со кој стекна светска слава, беше и најпродаван роман според „Сандеј тајмс“. Неговите книги се преведени на повеќе од триесет јазици.