Книжевниот преведувач треба да го пренесе „бремето“ на книжевниот текст

Мајчиниот јазик е основата на сечиј идентитет и треба да се негува и постојано да се развива, вели преведувачката Ирина Талевска

Ирина Талевска, преведувачка

Без преведувачите, голем број книжевници би им останале познати само на тесен круг читатели и не би стекнале светска слава. Но, сепак, преведувачите често се запоставуваат, а неретко нивното име и се заборава. Без ангажманот на преведувачите, многу дела од светската книжевност би останале непознати. Па, оттука, се поставува прашањето каква е положбата на книжевниот преведувач во македонското општество, кое беше поттик за дискусија на издавачката куќа „Сказнувалка“ на неодамнешниот фестивал „Арт/ареа/артерија“. Ирина Талевска, преведувачка, беше една од учесничките на панел-дискусијата.

На што фрливте светлина во рамките на дискусијата?
– Книжевниот преведувач, да речеме, како фигура, почнува постепено да добива појасни контури. Во последно време книжевните преведувачи, во скромни, но, сепак, присутни размери, почнаа да ја добиваат својата видливост. Во овој контекст, ми се чини дека издавачката куќа „Сказнувалка“ е една од ретките што помагаат нештата да се придвижат во добра насока. Но, како и за многу други работи, и во оваа сфера се потребни системски решенија што би го уредиле односот издавач – книжевен преведувач, зашто и покрај тоа што живееме во мала средина, издавачкиот простор, сепак, е хетероген и сè уште се присутни издавачи што не ја поимаат важноста на квалитетниот книжевен превод, па, оттука, и на изборот на преведувач и односот кон него.
Како изгледа претолкувањето на мислите на писателот од ракурс на преведувачот?
– Па, не сум сосема сигурна дека се преведуваат или се „претолкуваат“ конкретно мислите на писателот. Преведувањето во својата основа значи „пренос“ и толкувањето е инхерентен дел на преведувачкиот процес. Но кај книжевниот превод преносот и толкувањето се комплексни. Книжевниот преведувач ја има задачата да го пренесе целото „бреме“ на книжевниот текст, неговата слоевитост, неговата естетска димензија и слично, а едновремено со тоа да го збогати и унапреди јазикот на кој се преведува книжевното дело.
Се цени ли доволно кај нас преведувачката работа, каков статус уживаат преведувачите од вашето досегашни искуство?
– Доколку зборуваме во општи размери, во нашата земја, како и секоја интелектуална услуга, работата на преведувачите и на толкувачите, во добар дел, се зема здраво за готово. Исклучок се малобројните издавачки куќи – во Скопје, и ваквата централизираност е уште еден голем проблем, но тоа е друга тема – кои, низ годините, со преведувачите изградија солиден однос. Квалитетните книжевни преведувачи немаат статус, како што немаат ни толкувачите.
Без преведувачите, многу дела ќе останат неоткриени и недостапни, а сепак преведувачот често не се ни спомнува на промоцијата, на што се должи тоа?
– За среќа, во веков во кој живееме, активните генерации имаат познавање барем од англискиот јазик, па, оттука, недостапноста на книжевните дела донекаде се ублажува. И, не гледам дека достапноста е некаков проблем, барем за оние што сакаат да читаат. Но би било убаво да размислиме дека преку преводот на книжевни дела, нашата култура се отвора кон другите култури и со тоа се збогатува. Преку преводот на книжевни дела, нашиот јазик се збогатува, се унапредува и се консолидира, стремејќи се постојано да го дофати и да го вплоти во себеси она што му е непознато. Мајчиниот јазик е основата на сечиј идентитет и треба да се негува и постојано да се развива. А ќе се развива, меѓу другото, и ако им се овозможи творечкиот простор на квалитетните преведувачи, ако им се дадат признание и видливост како поттик за нивната работа.

Што ни е потребно, што треба да коригираме, за да стане попризнаена вокацијата преведувач?
– Не знам дали корекција е правилниот термин. Кога коригирате нешто, значи дека нешто сте создале, сте изградиле, речиси сте го утврдиле, само потребно е да го исправите или „дотерате“. Не може да се коригира нешто што воопшто нема темел ниту е изградено. Во таа смисла, сметам дека ова општество треба допрва да почне со градење здрав однос кон преведувачите, уметниците, интелектуалците и сл. Има голема врева во нашиов културно-општествен простор и, ако зборуваме конкретно за сферата на преведувањето, нужно е да се изгради критички и меритократски систем, кој ќе овозможи квалитетот секогаш да се диференцира. А, ова, верувам, важи и за другите сфери.