Одгласи за „Ѕиркачот“ на Александар Прокопиев во Словенија

Едицијата „Сто словенски романи“ се приближува до бројката од сто објавени наслови. Словенечкиот превод на романот „Ѕиркачот“ на македонскиот писател Александар Прокопиев оди на полиците со книги во Словенија, во превод на словенечки како 96-та книга од едицијата. Преводот од македонски на словенечки е на Роберт Суша, а предговорот е на Намита Субиото.
– Во романот „Ѕиркачот“ приказните на книжевните личности, скицирани претежно во груби потези со неколку истакнати детали, стануваат комплицирани и испреплетени. Еден од нив е авторот, кој измислува приказна за еден самец, средовечен маж, кој од досада и незадоволство од сопствениот живот, невротично талка низ градот (Скопје) и скриен во неговата скапана утроба, меланхолично ги оживува спомените од детството и младоста и лакомо голтка ретки возбудливи сцени што му ги ублажуваат болката и разочарувањето. Тој бега од бездната на очајот градејќи го својот минимундус на имагинарна слобода и мали задоволства, главно еротски – напиша авторката на предговорот Намита Субиото.
Александар Прокопиев е еден од најинтересните современи македонски прозаисти, а со литература се занимава и како научник и предавач на Институтот за македонска литература во Скопје и како уметнички директор на меѓународниот книжевен фестивал „ПроЗа Балкан“.
– Кога во 1980-тите стапи на книжевната сцена, ја изрази својата поетика, која ја следи и денес: „Книжевноста мора да се храни со фотографија, филм, стрип, рок-музика, телевизија“, вели тој. „Ѕиркачот“ е негов прв и досега единствен роман. Дотолку повеќе причина да посегнете по него – пишува Субиото, препорачувајќи го романот.
Книгата ја издаде Форумот на словенски култури.
„Ѕиркачот“ е краток роман од Александар Прокопиев, во издание на „Магор“, во 2007 година. Овој роман беше кандидат за книжевната награда „Балканика“ во 2007 година. Романот е преведен на српски, италијански и други јазици.
Александар Прокопиев е македонски прозаист, есеист и поет. Работел во Институтот за македонска книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје и сè уште им е ментор на постдипломците. Наедно е и основоположник на постмодернизмот во современата македонска литература. За збирката „Човечулец“ за 2010 година ја доби книжевната награда „Балканика“. Тој го освои првото место во конкуренција од истакнати имиња од повеќе европски земји. На „Балканика“ учествуваа „Коли и други раскази“ од Здравка Евтимова од Бугарија, „Крстопатот на Константин“ од Дејан Стоиљковиќ од Србија, „Црвеното на биковите“ од Мира Мекси од Албанија, „Ќе се случи нешто, ќе видиш“ од Христос Економу од Грција, „Огнот на кармата“ од Ома Станеску од Романија и „Камена куќа“ од турската писателка Асли Ердоган. Венко Андоновски дотогаш беше единствениот македонски писател што ја имаше освоено наградата „Балканика“, во 2001 година за романот „Папокот на светот“. Делата на Прокопиев се преведени на англиски, јапонски, француски, чешки, германски, унгарски, полски, италијански, руски, српски и бугарски јазик. В.Д.