Дарко Алексовски, уметник

„Помеѓу две страници нежно“ е насловена работилницата за пишување и читање љубовни писма, чиј ментор и координатор е Дарко Алексовски, а ќе се одржи од 6 до 8 февруари, во културниот центар „Јадро“. Работилницата е замислена како експериментално продолжување на серијата „Љубовни писма на осаменоста“ и е поделена во два дела. Првиот дел е сесија за пишување писма што учесниците можат да им ги посветат на конкретни личности, места што ги сакаат или, пак, себеси. Вториот дел е сесија за читање и снимање на писмата во аудиоформат. Резултатот од оваа работилница ќе биде аудиоснимка компонирана од сите прочитани писма, која ќе биде објавена и промовирана на „Лумпен стејшн“, експериментална уметничка платформа на Андреа Мариони и Матилде Бетшен (Швајцарија), кои се наедно иницијатори и поддржувачи за реализацијата на оваа работилница.

Дарко Алексовски е визуелен уметник, а првата серија „Љубовни писма до осаменоста“ ја продуцираше како дел од неговиот магистерски проект на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во 2018 година.
– Во рамките на мојата завршна изложба од магистерските студии на ФЛУ првпат составив и претставив серијата уметнички дела испишани на машина за пишување, кои ги насловив „Љубовни писма на осаменоста“. Делата потоа беа самостојно изложени во една реконтекстуализирана верзија, која беше изложена и во рамките на 13. Биенале на млади уметници во Музејот на современата уметност – Скопје, за која бев еден од тројцата првонаградени уметници – вели Алексовски.

Писмата оттогаш се променија во неколку различни верзии, а најновите можат сè уште да се видат (и прочитаат) изложени во рамките на групната изложба „Сè што ни е заедничко“ во Музејот на современата уметност во Скопје.
– Составувањето и работата на овие дела за мене беше осамена и интровертна активност, па идејата за работилницата „Помеѓу две страници нежно“ е начин да ги поставам пишувањето и читањето писма со љубовна содржина во една партиципативна колективна рамка. Тоа што ме интересира е како на овој процес би можела да влијае динамиката од работа во група – објаснува тој.

Пишувањето и испраќањето љубовни писма, па и писма за каква било интерперсонална комуникација е веќе заборавен, речиси апсолвиран начин на комуникација. Информациите, емоциите, размислувањата денес на нефилтриран и дефокусиран начин се споделуваат во бескраен тек на „облачиња“ на социјалните мрежи и мобилните апликации за разговор.
– Писмата, од друга страна, имаат крајно економичен начин на комуникација поради форматот што ги ограничуваат содржината, тактилноста и времетраењето на пишувањето. Тука не сакам двата медиума за комуникација да ги ставам во некаква хиерархија, туку само констатирам дека има разлики, ограничувања и сличности во нивната форма и функција. Ме интересираат токму овие разлики и ограничувања во споделувањето, соопштувањето љубовна содржина преку писма и кои се аспектите што го прават овој процес поинаков од начинот на кој денес комуницираме преку пораки – дополнува Алексовски.

Учесниците во работилницата ќе можат да им ги посветат писмата на конкретни личности, места што ги сакаат или, пак, себеси.
– Пол Б. Пресиадо во еден есеј зборува за љубовта што ја доживуваме, не само кон блиски луѓе туку и кон „историските измислици на умот – книги, уметнички дела, музика“, па дури и љубовта што одредени „места и градови можат да ја поттикнат“. Тој ја нарекува оваа љубовна форма агорафилија. Тргнувајќи од овие поими за едно пошироко гледање на љубовта, учесниците во работилницата ќе можат да им ги посветат писмата на конкретни личности, места што ги сакаат или, пак, себеси – истакнува нашиот соговорник.

„Помеѓу две страници нежно“ е обид за продолжување на дел од неговата уметничка практика во аудиоформа, преку отворена структура и во соработка со учесниците.