„Варвари“ на Максим Горки за првпат на македонската сцена
- Претставата има што да каже и се надевам ќе има публика што сака да го чуе тоа и да се соочи со тоа дека актуелноста на драмата „Варвари“ треба да нѐ потсети дека не живееме во совршен свет. И дека овој свет во кој живееме треба да се поправа, а за да се поправа, театарот треба да ја одигра својата улога – општествена, истакна режисерот на претставата Владимир Милчин
Врвен актерски ансамбл, маестрална игра и внимателно осмислена костимографија и сценографија ја обоија претставата „Варвари“. Прецизна синхронизација и силна драмска динамика доминираа во полната сала во МНТ. Публиката три часа уживаше во делото создадено во далечната 1906 година, кое изненадувачки јасно кореспондира и во денешно време. Во драмата речиси сите ликови се неморални, има и варвари, пијаници, насилници, хипокрити, циници, егоисти, алчни за пари, моќ, расипувачи на човечки души… Се живее живот полн со злоба и злосторства. Се верува дека „знаењето е поважно од моралот“, дека вистинска љубов не постои, а надежта во пиесата умира со самоубиството на Надежда Монахова.
И денес, повеќе од еден век подоцна, Горкиевите „варвари“ нè потсетуваат дека вистинскиот напредок е невозможен без човечност.
„Варвари“, дело на големиот руски писател Максим Горки, за првпат се поставува на македонската сцена, по иницијатива на професорот и режисерот Владимир Милчин, во продукција на Македонскиот народен театар.
– Живеам во Скопје, на улица што се сече со улицата Максим Горки. Тоа има некоја симболика. Максим Горки е човекот што, со својата посветеност на правдата, платил не само со својот живот туку и со животот на својот син. Максим Горки долго време бил премолчуван во Русија и не е случајно што оваа драма не е одиграна ни на руски ни во земјата во која авторот живеел пред да мора да се пресели во Италија за да преживее, за да не биде убиен. Го кажувам ова бидејќи приказната за Горки се третира како да бил со „црвените“ и дека му било мед и млеко, а воопшто не било така. Ни нему, ни на неговото семејство. И јас некако чувствував обврска да се постави оваа драма, затоа што таа не е умрена, таа сè уште има што да ни каже. А тоа е дека е неопходна солидарност меѓу луѓето, да може полесно да преживеат кога ќе се најдат под каков и да е притисок, дека молчењето не е злато, туку напротив – истакна Владимир Милчин, режисер на претставата „Варвари“.
Претставата е работена изминатите девет месеци, низ препреки и, како што вели режисерот, процесот не бил едноставен.
– Во „Варвари“ се вклучени 23 актери и тоа ме враќа на некој вид на театар што не треба да биде заборавен. Претставата има што да каже и се надевам ќе има публика што сака да го чуе тоа и да се соочи со тоа дека актуелноста на драмата „Варвари“ треба да нѐ потсети дека не живееме во совршен свет. И дека овој свет во кој живееме треба да се поправа, а за да се поправа, театарот треба да ја одигра својата улога, општествена – додаде Милчин, кој подвлече дека ова ќе му биде последна претстава.
Во оваа амбициозна сценска постановка учествува импресивна актерска екипа:
Тони Михајловски, Габриела Петрушевска, Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Софиа Насевска-Трифуновска, Владо Јовановски, Григор Јовановски, Ана Стојановска, Оливер Митковски, Тања Кочовска, Александар Микиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Гораст Цветковски, Јордан Симонов, Сашка Димитровска, Емил Рубен, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ивица Димитријевиќ, Александар Михајловски, Јана Вељановска и Стефан Спасов. Голем дел од актерската екипа се поранешни студенти на режисерот Милчин, што му дава на проектот дополнителна уметничка димензија.

– Мислам дека варварството не престанало никогаш, дека и ден-денес постојат, меѓу нас се, во нас се… го толкувам ликот на Черкун, млад инженер. Чаркун е селанец што успеал да заврши школо во тоа време и се етаблирал во високото друштво, но засекогаш го задржал непосредното рурално во себе, кое директно ги кажува работите „обландирани“ со образованието што во текот на годините што го стекнал. Тој лик мене ми ја наметна дилемата со една реченица, која гласи: „Знаењето е поважно од моралот“. Мислам дека не е точно тоа, колку Горки и да го напишал тоа слатко. За мене, моралот сè уште е поважен од знаењето. А токму поради тоа што го туркавме знаењето пред моралот, стигнавме до овде до каде што сме стигнати денес. Дали е поважно да сретнете човек со дипломи огромни како планини, а со нула морал и етика или да сретнете човек без еден ден образование, ама со морал и етика големи како планина? Таа дилема ми ја наметна ликов во текот на овие девет месеци работа. „Варвари“ е доста забавна претстава, колку и да е долга можеби. Во неа ќе препознаеме дека многу малку сме се промениле, само сме се замаскирале. Овие претстави се тим билдинг на театарот, во кои игра речиси цел ансамбл – изјави Михајловски.
Актерката Звездана Ангеловска во претставата ја игра богатата земјопоседничка Татјана Николаевна Богаевска, зрела жена, старица, која има внука и е претставничка на повисокиот слој.
– Со овој лик ми се отвори прашањето дали зрелоста и годините ја носат комплетната мудрост – истакна Ангеловска.
Напишана во 1906 година, драмата на Горки се занимава со длабоки социјални и морални конфликти на почетокот на 20 век во Русија, преку судирот меѓу старото и новото, традицијата и модерноста, човечноста и бездушниот технички напредок.
– Во годината кога МНТ одбележува 80 години од постоењето, горд сум што за првпат во историјата на македонскиот театар делото „Варвари“ ќе оживее токму на оваа сцена. И уште повеќе, благодарен што професорот Владимир Милчин го стави својот режисерки печат токму на оваа претстава – изјави директорот на МНТ, Никола Кимовски.
Главните ликови во претставата се интелектуалци, инженери, работници и обични луѓе – поставени се пред морални дилеми што ги откриваат нивните најдлабоки човечки слабости и противречности.
Како автор, Максим Горки останува извонредно современ и во 21 век. Неговите дела, меѓу кои и „Варвари“, се остра критика на лажната цивилизација и моралната корупција што ги носи капитализмот. Преку инженерите Черкун и Циганов, симболи на „железната“ Русија, која ја уништува човечноста на „дрвената“, Горки поставува суштинско прашање — дали напредокот има смисла ако не е заснован на морал и совест.
Наспроти нив, студентот Лукин ја олицетворува немоќната интелигенција, која ја согледува неправдата, но не наоѓа сила да ѝ се спротивстави.
Креативниот тим на претставата го сочинуваат: Беди Ибрахим како сценограф и Марија Пупучевска како костимограф; преводот на текстот го направија Ема Марковска Милчин и Владимир Милчин; aсистент на режисерот е Шенај Мандак; асистенти на сценографот се Бојана Исијанин и Мартин Манев; асистентка на костимографот е Ангела Богеска; изборот на музиката е на Владимир Милчин; извршни продуценти се Виктор Рубен и Симона Угриновска.

































