Меѓународниот фестивал на европски филм – „Синедејс“ (CINEDAYS), годинава се одржува по 23 пат, од 11 до 17 јули. Како прецизно одбрани кадри се поредени повеќе од 40 филмски наслови со кои повторно Скопје ќе живее во филм во фестивалскиот период.
Под годинешниот слоган „Како е? Викај ура“, летните скопски филмски вечери ќе ги пресретнуваме во паркот зад Младинскиот културен центар, киното Фросина и летното кино на отворено во Кинотека.
Отворањето на овогодинешниот фестивал ќе го одележи македонскo-данската соработка на данскиот бенд Ефтеркланг и Македониум бенд. Оваа соработка ја обележа својата концертна премиера во април 2023 година пред споменикот Македониум во Крушево и својата филмска премиера во Копенхаген на фестивалот CPH-DOX, на 23 март 2024 година.
-Филмот ја заокржува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ Македонија. Во тој процес на регрутација на членови за новиот мета состав наречен „Ефтеркланг : Македониум бенд”, нивен водич и локална инспирација е уредникот на музичка програма во МКЦ, Владица Младеновски- Грга, кој е нивен пријател и посредник во целата авантура. Младински културен центар се јавува во улогата на продуцент, преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект – велат од МКЦ.
-Оваа плејада на неверојатни уметници на двата концерти изнуди овации од пристутната публика, која по вториот концерт и побараниот бис се крена на нозе и развиори македонски оро, кое продолжи и вон концертната просторија. Никогаш нема да го заборавиме она што ни се случи таа вечер во Копенхаген. Триумф на универзална љубов. Особено ми е драго што овој филм е првиот вистински документарен филм во продукција на МКЦ Скопје – вели Владица Младеновски од МКЦ.
И годинава, натпреварувачката програма на „Синедејс“ е селекција на Бернд Будер. Во фестивалската програма ќе видиме светски и македонски филмови и копродукции што „гравитираат“ во Официјална селекција, Гала програма, SEE програма, МК Shorts (кратки филмови), Ретроспектива на филмови посветена на легендарниот југословенски режисер Вељко Булајиќ како и кратки филмови од култниот европски автор Вим Вендерс.
Во Гала програмата, „Синедејс“ директно од Кан кој се одржа кон крајот на мај 2024, ги носи наградените остварувања на Кроненберг, Вуди Ален, неверојатното остварување на Корали Фержо со Деми Мур во главна улога, последниот филм на иранскиот легендарен режисер Расулоф, потоа Оноре, Жанг Жи, Хазанавициус, Полански. „Синедејс“ е единствениот фестивал во Европа кој ја има таа привилегија да ги прикаже овие наслови директно по нивната премиера во Кан.
Поради големиот интерес, во придружната програма, повторно и оваа година ќе се реализира меѓународниот проект Ливинг мјузик (LIVING MUSIC) под водство на професката Дарија Андовска во која студенти или тукушто дипломирани режисери и композитори од Европа работат заедно во резиденцијален проект за време на фестивалот и создаваат филмска музика која потем ќе ја изведат во живо.
Музичката програма на фестивалот под наслов CINEmusic и оваа година носи изненадувања. Свој настап ќе имаат и регионалниот експериментален панк бенд Turbo Trans Turisti, скопскиот инди состав СИЗ како и психоделичното музичко дуо Cyril-Cyril од Швајцарија.
Билетите за фестивалот CINEDAYS ќе бидат по цена од 250 денари на билетарниците на МКЦ и Кинотека како и на линкот за олајн продажба на билети на МКЦ, bileti.mkc.mk.