„Извонреден, мајсторски направен документарен филм за последната монументална фигура на македонската култура од епохален формат“; „Дело за големиот Блаже Конески што треба да го погледне секој граѓанин на Македонија, политичките елити, претставниците на меѓународната заедница…“; „Филм што би требало да биде скапоцена лектира за младите генерации“… се само некои од изјавите на поддршка до авторот на филмот Никола Калајџиски и до тимот соработници

По премиерата на првиот документарен долгометражен филм за Блаже Конески

Во преполната сала на киното „Милениум“, во тишина, со почит кон ликот и делото на Блаже Конески, беше проследен првиот документарен долгометражен филм посветен на македонскиот великан на 20 век, „Јанѕа“, на истакнатиот македонски документарист Никола Калајџиски. Филмот, како што коментираше публиката по неговото завршување, испраќа силна порака за обединување и го храни чувството на гордост што сме наследници на Конески, човекот што ни ја остави татковината во аманет. Според многумина, ова е филм што мора да го види светот, вистински филм направен во вистинско време.
Честитки до целата екипа што работеше на „Јанѕа“ упати претседателот Стево Пендаровски, кој беше во публиката.
– Одлично сведоштво за животот и делото на нашиот великан, основоположник на македонскиот современ јазик, и за неговото огромно значење за македонската наука, култура и книжевност. ,Без идентитет нема мајчин јазик. Без мајчин јазик нема идентитет, така беседеше големиот Конески – рече Пендаровски.
Во 101-та минута се сублимирани основните постулати на Конески, она што го кажувал, а сето тоа е поткрепено со визуелна заднина.
Премиерот Димитар Ковачевски исто така го изрази своето задоволство што присуствуваше на премиерата на првиот долгометражен документарен филм за Блаже Конески.

– Овој филм ќе остане да сведочи и за идните генерации да можат да осознаат за огромното значење на делата на истакнатиот македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, поет, филолог Конески. Јазикот е единствената наша татковина. Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште, велеше Конески. Македонскиот јазик е наш аманет – рече Ковачевски.
Честитки стигнуваат и од многубројни почитувачи на Конески. „Извонреден, мајсторски направен документарен филм за последната монументална фигура на македонската култура од епохален формат“; „Дело за големиот Блаже Конески што треба да го погледне секој граѓанин на Македонија, политичките елити, претставниците на меѓународната заедница…“; „Филм што би требало да биде скапоцена лектира за младите генерации“… се само некои од изјавите на поддршка до авторот на филмот Никола Калајџиски и тимот соработници.
– Можат сѐ да ви земат и да си присвојат. Само задоволството од тоа што сте и оствареното не може никој да ви го одземе и по цена на негирање и унижение. Само вие знаете кои сте и што сте. Идентитетската приказна има силна моќ да раскажува и тогаш кога сте на крстопат меѓу таму и ваму. Без идентитет нема мајчин јазик. Без мајчин јазик нема идентитет. Продолжете да присвојувате и да унижувате. И да негирате. Вашите униженија не можат да ја ужегнат мојата (нашата) жедост да си останеме свои и наши… Така беседеше големиот од Небрегово, Блаже Конески – вели Калајџиски.

Филмот е снимен според мотиви од „Дневник по многу години“ на Конески. Филмот е во продукција на „Контраст филм“, а продуцент е Златко Димески. Режисер и сценарист на филмот е Никола Т. Калајџиски. Монтажата е на Аристид Филактов, додека композитор на музиката е Златан Миливоевиќ, а дизајнер на звукот е Дарко Спасовски. Како директори на фотографија се јавуваат Дејан Димески и Петар Кочишки.
Филмот се остварува сo поддршка од Агенцијата за филм на Македонија. Филмот „Јанѕа“ е подготвуван и сниман во период од три години и ги следи животот и делото на професорот, академик, поет и еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик Блаже Конески. Огромното значење на делото на Конески за македонската култура и наука и воопшто за нашата држава се претставува преку кажувањата на повеќе истакнати академици, универзитетски професори и воопшто научници/истражувачи од областа на македонистиката и од областа на лингвистиката, книжевната наука и културологијата, вклучувајќи и странски македонисти што важат за познавачи на делото на великанот – негови современици и потомци. В.Д.