Драмскиот театар со претставата „Мојот маж“ гостува во Црна Гора. Во Подгорица, од 18 до 24 април, во организација на Градско позориште – Подгорица се одржува црногорското издание на регионалниот театарски фестивал РУТА.
Претставата „Мојот маж“ е колаж од расказите на Румена Бужаровска и авторски монолози. Режисерка е Нела Витошевиќ, а драматург е Викторија Рангелова-Петровска. Драматизацијата е на Нела Витошевиќ и на Викторија Рангелова-Петровска. Костимографка на претставата е Роза Трајчевска–Ристоска, сценограф е Костантин Трпеноски и асистентка сценографка е Моника Ангелевска. Музиката е избор на Нела Витошевиќ. Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Сара Климоска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Сања Арсовска, Трајанка Илиева–Вељиќ, Игор Ангелов, Исмет Шабановиќ и Филип Трајковиќ.
Во рамките на фестивалот РУТА, со изведбата на „Мојот маж“, театарот гостуваше на сцената на Местно гледалишче – Љубљана во 2022 година каде што имаше извонреден прием кај словенечката публика.
Драмската структура на театарската претстава „Мојот маж“ е изградена од два меѓусебно испреплетени материјали, и тоа драматизацијата на шесте раскази („Супа“, „Празно гнездо“, „Прељубник“, „Осми март“, „Гени“ и „Лиле“) и документарниот материјал произлезен од авторските монолози. Дејствата/состојбите од расказите на Бужаровска, како и документарниот дел со авторските монолози, тематски се цврсто поврзани со поднебјето и времето во кое се одигруваат, без притоа да се засноваат на дневнополитички актуелности. Расказите и авторските монолози имаат цел да поттикнат надминување на стереотипите и предрасудите и отворено инсистираат на судир помеѓу традиционалното и современото.