Самостојната изложба на Мелихат Тузун од Турција е отворена во галеријата „Ко-ра“ во домот на културата „Кочо Рацин“ – Скопје. Во рамките на меѓународната соработка, по иницијатива на академик Фехим Хусковиќ е реализирана оваа самостојна изложба на уметницата, која гостува во Македонија во рамките на интернационалната ликовна колонија „Сребреница“, која е во тек во Градскиот парк во Скопје.

Мелихат Тузун е професорка и деканка на Универзитетот „Тракија“ во Турција на Факултетот за убави уметности, од 2018 година. Таа работеше како професорка по сликарство на Универзитетот „Текирдаг Намир Кемал“, на Факултетот за убави уметности, дизајн и архитектура, на Одделот за сликарство (2013-2018).
|
Дипломирала, магистрирала и докторирала на Универзитетот „Мимар Синан“ во Истанбул, на Одделот за сликарство. Добитничка е на повеќе награди, меѓу кои е и првата награда од областа на скулптурата. Членка е на повеќе здруженија на уметници во Турција, но и во УНЕСКО – Интернационалната асоцијација на уметници. Претседателка е на Здружението на графичките уметници од Турција. Нејзиниот ликовен опус го карактеризира интеракцијата помеѓу човекот и природата, егзистенцијалното и бесконечното, како креирање контрасти помеѓу конкретното и апстрактното.

Има реализирано 15 самостојни изложби.
– Преку оваа самостојна изложба имаме можност да се запознаеме со дел од опусот на професорката и деканка Мелихат Тузун од Турција и автохтоните елементи што го одликуваат нејзиното творештво, во кое се среќаваат и судираат, се прпелкаат, некогаш и кошмарно, виртуелното и реалното, акцентирано со сфуматото на згаснатите пигменти од предимно ладните тонови на земјената гама низ кои провева наедно и виртуозноста на нејзината графичка техника – истакнува Виолета Калиќ, историчарка на уметноста.