Еден од најугледните светски медиуми, лондонски „Тајмс“, излезе со максимална оценка од пет ѕвездички и блескава критика за двојниот албум на кој нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески е повторно обединет со романскиот диригент Кристијан Мачелару и Симфонискиот оркестар на Западногерманското радио од Келн, Германија, во изведбата на двата концерта за пијано и оркестар од Јоханес Брамс.
За албумот што деновиве го објави престижната британска етикета „Лин рекордс“, критичарот Џеф Браун со воодушевување пишува дека со него „класиката е блескаво освежена“ и подвлекува дека „Симон Трпчески може најпоетично да ги гали клавишите“.

– Извонредната двојка се враќа! И тоа не се (композиторот и тенорот, наша заб.) Бритн и Пирс, ниту (комичното дуо, наша заб.) Морекамбе и Вајс. Не, тоа се македонскиот пијанист Симон Трпчески и романскиот диригент Кристијан Мачелару, кои претходниот пат нè воодушевија со двата концерта за пијано на Шостакович, а сега го прават истото со двата на Брамс. Секое од делата е репертоарски колос, иако со овие музичари и најзаморените слушатели мора да излезат не само освежени туку и возбудени. Нивниот успех се должи особено на две поврзани состојки. Една од нив е леснотијата на дуото во меѓусебната музичка придружба, од суштинско значење кога односот пијано – оркестар во овие дела е толку разновиден. Нивната сплотеност, исто така, има полза и од извонредно живописно и будно музицирање на Симфонискиот оркестар од Келн. Втората, не толку тајна состојка, е вроденото разбирање на фразирањето и ритамот на централноевропската народна музика од страна на пијанистот и диригентот. Германецот Брамс го сакал унгарскиот ритам, но доминантното отскокнување на Трпчески и Мачелару се шири низ целите концерти, а не само низ нивните танцувачки финалиња. И Трпчески најпоетично може да ги погали клавишите. Подоцнежниот посончев концерт во Бе-дур му дава повеќе шанси отколку неговиот величествен и турбулентен претходник во Д-мол. Исто така, во вториот концерт, Мачелару и оркестарот навистина ги достигнаа височините, без разлика дали наголемо забрзуваат или нè маѓепсуваат со соло-делниците на хорна и виолончело, сите клучни делови од извонредно широката таписерија на музиката. Ова е вид издание каде што победуваат сите: музичарите, слушателите и самиот Брамс – пишува критичарот на „Тајмс“, Џеф Браун.

За албумот се произнесе и водителот на лондонското Класик фм радио, Александер Армстронг, образложувајќи го изборот на изданието за албум на неделата.
– Оваа снимка на концертите за пијано на Брамс од Симон Трпчески и Кристијан Мачелару е едноставно божествена. Мачелару и Трпчески имаат извонредна историја на соработка и ако ја слушате текстурата на овој прекрасен Брамс… тоа значи дека пијаното и оркестарот се како едно. Балансот е сосема совршен – вели Армстронг.

В.Д.