Фото: „Струшки вечери на поезија“

Песната „Куклици“ на македонскиот автор Андреј Ал-Асади ја доби наградата „Енхалон“, која се доделува на „Струшките вечери на поезија“ за најдобра песна од млад автор прочитана на фестивалот.
Жири-комисијата во состав Елена Пренџова (претседателка), Игор Трпчески и Биљана Стојановска (членови) во своето образложение велат дека станува збор за песна со цврста структура.

Елена Пренџова и Биљана Стојановска / Фото: „Струшки вечери на поезија“

– Наградата „Енхалон“ за 2022 година се доделува на Андреј Ал-Асади за песната „Куклици“. Во избор за наградата беа песни од повеќемина млади, но етаблирани македонски поетеси и поети со изграден впечатлив авторски потпис. Жири-комисијата ја избра песната „Куклици“ од Андреј Ал-Асади поради оригиналниот поетски спев со кој се наметна. Имено, „Куклици“ претставува т.н. заумна поезија; станува збор за песна со цврста и стегната структура и силна звучност. Стихот е вешто граден, распореден во строго формирани строфи, а звучноста е комбинација од мајсторски рими, алитерации, асонанци и внатрешно-стиховни созвучија креирани во духот и менталитетот на јазикот. Ваквата структура на песната наметнува соодветна интерпретација, која пак упатува на визуелизација на стиховите во умот на слушателите. Конечно, заумната песна на Ал-Асади ни кажува дека станува збор за поет-мајстор на стиховите, кој длабоко ја осмислува и обмислува својата песна до совршенство – стои во образложението на жири-комисијата.

Со поетското читање „Мостови” и врачување на наградитe, „Златен венец“, „Браќа Миладиновци” и „Мостови на Струга” синоќа заврши официјалниот дел на 61-то издание на меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“.
Фестивалот традиционално ќе се заокружи со поетско читање во Скопје, кое ќе се одржи вечерва во „Даутпашиниот амам“ со почеток во 20:30 часот.