Светот е сцена

Најпознатата слика на холандскиот сликар Рембрант, „Ноќна стража“, неодамна беше изложена во Државниот музеј во Амстердам, како дел од програмата наречена „Операција Ноќна стража“.
Станува збор за обемен проект на истражување и реставрација на енигматичното сликарство, кој започна во 2019 година и се спроведува пред јавноста.
Ремек-делото од 1642 година беше отстрането од ѕидот и извадено од рамката и беше ставено во проѕирен стаклен екран, кој им овозможи на историчарите на уметноста, но и на сите љубители на уметноста да ја видат и проучат задната страна на огромното уметничко платно.
– Секогаш кога ќе извадите некоја слика од ѕидот и ќе ја извадите од рамката, таа изгледа многу ранливо. Притоа можете да ги видите и платното и дрвената рамка, а тие изгледаат многу кревко. Апсолутно е возбудливо да се види задниот дел на сликата, што е невозможно во други околности – рече директорот на музејот, Тако Дибитс.
Раководството на музејот напомена дека посетителите нема да го видат оригиналното платно на кое сликал Рембрант, туку „потпорното платно“ старо 46 години.
– Како и во случајот со многу други холандски ремек-дела од 17 век, таканареченото „потпорно платно“ е поставено на задната страна на „Ноќна стража“ за да се зголеми силата на сликата – соопштија од музејот.
Со оглед на тоа што уметничките дела речиси никогаш не се обновуваат пред јавноста, туку поправките обично се вршат во реставраторски и конзерваторски лаборатории, ова беше исклучителна можност за сите љубители на уметноста да добијат увид во процесот на реставрација и одржување на големите ремек-дела.
Во 1642 година, холандскиот сликар Рембрант ван Рејн (1606-1669) добил наредба од капетанот на Градската гарда на Амстердам, Франс Банинг Кок, да ги наслика членовите на гардата.
Сликата, чиј вистински назив е „Друштвото на стрелците од Амстердам со капетанот Франс Банинг Кок“, е висока 3,8 метри, долга 4,5 метри и тешка 337 килограми, а последен пат е обновена пред повеќе од 40 години, по нападот во 1975 година кога била исечена со нож.