На 8 март беше објавен германскиот превод на збирката раскази „Мојот маж“ од Румена Бужаровска, во издание на „Зуркамп“, можеби најреномираната издавачка куќа што го покрива германското јазично подрачје.
– Со ова „Мојот маж“ е достапна за читателите во Германија, Австрија и во Швајцарија. Наскоро се очекува и францускиот превод во издание на „Галимар“, издавач со богата и долга традиција. И седум години по објавувањето, интересот за збирката раскази „Мојот маж“ од Румена Бужаровска не само што не се намалува туку добива интензитет – вели нејзиниот македонски издавач „Или-или“.
„Мојот маж“ е објавена и во САД, Велика Британија, Ирска, Италија, Унгарија како и во сите земји од поранешна Југославија каде што Бужаровска се доживува како една од најголемите регионални ѕвезди во книжевноста. Во Македонија книгата има шест изданија, а неодамна „Или-или“ го објави и првиот превод на албански јазик.
Според мотивите од овие раскази, поставени се и истоимените претстави на сцената на Драмски театар од Скопје во режија на Нела Витошевиќ, на сцената на Словенско младинско гледалишче од Љубљана во режија на Ивана Ѓилас, а за 30 март е закажана премиерата во Југословенско драмско позориште од Белград во режија на Јована Томиќ.