Книгата „Димензии на бајките – мрак и светлина“ од Лени Фрчкоска деновиве излезе од печат во издание на издавачката куќа „Авант прес“. Фрчкоска прави пресек на теориите за потеклото, структурата и проникнувањето на бајките во фолклорното творештво преку современието, главно низ психоаналитичките толкувања и родовите перспективи на авторите како Владимир Проп, Жак Лакан, Јулија Кристева, Сандра Ли Бартки, Славој Жижек до современата инструментализацијата на фантазмот на бајката како средство за идеолошко спознавање.

– Бајките се есенција на современието. Тие се негова културолошка кристализација стокмена низ археликовите на принцези, принцови, омразени ќерки и истерани синови, џуџиња змејови или, денес, нивните современи варијанти. Како литераризирани идеолошки приказни, преку теми за субјектот, кој го препознава своето место во социјалните релации, едуцираат за правилата и општествената улога.

Бајковниот фантазам денес, во контекст на идеолошкото толкување на реалноста, е подложен на неограничени избори и нови трансформации. Во ваков контекст тој сепак ги задржува и двете контроверзни тензии: да еманципира или да конзервира.

Неговата употреба лежи во одлуката за тоа кој аспект ќе се презентира во образовниот и медиумски сегмент што, секако, е политичка одлука – вели издавачот.