Фото: Игор Бансколиев

Уште еден сјаен почеток на еден од нашите најважни фестивали, интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ се случи во саботата вечерта во Битола. Црвениот килим пред Центарот за култура блесна во полн сјај откако по него прошетаа две светски ѕвезди, оскаровецот Роџер Дикинс и филмската дива Клаудија Кардинале, за кои годинава се резервирани најголемите награди на фестивалот, „златната камера 300“. Симпатичен почеток со перформансот во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, во контекст на мотото на фестивалот „Симнуваме капа“, кој одлично го изведе актерката Јелена Јованова, веќе позната како исклучително талентирана за кабаретски точки, и не помалку за водителската улога што подоцна ја презеде.
Гена Теодосиевска, директорката на „Браќа Манаки“, ги поздрави присутните љубители на филмската уметност.

Гена Теодосиевска и Роџер Дикинс
Фото: Игор Бансколиев

Воопшто не е лесно вечерва да се стои пред вас кои работите на филмот, не е лесно и да се биде директор на овој фестивал бидејќи зад мене стојат оние што го трасирале неговиот пат. Секако дека резултатот што следува оваа година се деведесет и пет наслови во 14 програми, резултат создаван 39 години – рече Теодосиевска.

Таа им се заблагодари на Друштвото на филмските работници на Македонија, на Агенцијата за филм на РМ и на сите филмаџии, кои ги отстапија своите филмови да бидат дел од програмата.

Добитникот на „златна камера 300“ за животно дело, скромниот маг со камерата Роџер Дикинс, ја прими наградата и изрази задоволство што е на еден фестивал што е посветен на филмската камера.

Игор Иванов и Милица Стојанова

Кога стојам овде пред вас се чувствувам дека сум на погрешната страна од камерата. Повеќе би сакал да бидам зад неа. Мислам дека фестивалот трае исто толку години колку што јас снимам филмови. Многу ми е драго што сум дел од оваа историја затоа што познавам многу луѓе што претходно биле тука, но јас досега немав можност да дојдам. Пресреќен сум што станувам дел од оваа историја – рече Дикинс.
Клаудија Кардинале, многу непосредна и отворена, примајќи ја наградата „специјална златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност кратко се заблагодари.

Понекоја солза измами емотивното појавување на сцената на македонската актерка Милица Стојанова, која е годинашна добитничка на наградата „голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмските работници на Македонија. Стоечки аплаузи за сите лауреати годинава, исклучителни во секоја смисла, секој во својата област.

По свеченоста за врачување на наградите, присутните имаа можност да ја видат светската и македонска премиера на краткиот филм „Љубовникот“ во режија на Игор Иванов-Изи, а потоа филмската екипа: Томи Салковски, Дејан Димески, Наталија Теодосиева, Сашо Петровски, Марија Апчевска се поклони пред публиката. Во чест на лауреатот на „златна камера 300“, кинематограферот Роџер Дикинс, филм за отворање беше „Истребувач 2049“ за кој тој го доби „оскарот“ за камера.


„Љубовникот“ требало да биде снимен со камерата на Манаки

На одличен прием кај публиката наиде симпатичниот омаж на стариот нем филм, „Љубовникот“ на Игор Иванов, со кој се отвори филмската програма на фестивалот. Но идејата што стоела зад ова остварување е уште посимпатична. Имено филмот требало да се снима со „камерата 300“ на Манаки, но поради тоа што процесот на репарација чинел многу, филмот на крајот е завршен со стандардна постапка.
Ова беше постара идеја, сценариото е од 2009 година, напишано е во еден здив. Уште тогаш сакавме да го снимиме филмот со камерата на Манаки, но репарацијата чинеше многу за еден краток филм, па таа идеја отпадна. Иако ова треба да биде поттик таа камера да се стави некогаш во функција – рече режисерот Иванов.
Тој смета дека доколку „Љубовникот“ бил снимен со старата камера, тоа би било добар пиар на светските фестивали за македонската кинематографија и нејзината богата историја и традиција.
Според продуцентот Томи Салковски, реализацијата на еден таков проект би била рамна на егзибиционизам – да се врати во функција еден експонат, нешто што е толку старо, но не е невозможно. Имено, камерата не е во премногу лоша состојба, механизмот работи, но има проблем со објективот. Анализите во лабораторија би можеле да покажат колку би чинела нејзината репарација.


Клаудија Кардинале: Не, не, не, не сум секс-симбол!

Скромна, едноставна, позитивна, исклучително емотивна, но истовремено и многу темпераментна, жива, отворена за фотографирање, автограми и за одговарање прашања… Таква е големата дива на италијанскиот и на светскиот филм, актерката Клаудија Кардинале, која дури и на речиси полни 80 години, е полна со живот и ведар дух, па во согласност со таквиот нејзин сензибилитет одговараше на прашањата за тоа како се чувствува како голема ѕвезда, како секс-симбол, како икона на светската кинематографија.
Не, не, не, јас не сум секс-симбол, ниту сум ѕвезда, јас сум жена. Никогаш не сум сакала да живеам како ѕвезда, не сум имала телохранители ниту придружба – скромно одговара Кардинале, која во Битола е дојдена само во друштво на својата ќерка.
Нејзиниот однос кон публиката во малата сала на Центарот за култура во Битола, каде што се одржа јавен разговор со неа, покажа дека навистина не им робува на клишеата, па дури ни на клишеата за себе, како што многумина проследувачи на нејзината кариера имаат забележано досега.
Нејзиниот актерски пат во 1960-тите и во 1970-тите ја претвори во водечка ѕвезда, не само поради неверојатната убавина, која ја вброи во 50-те најубави жени во историјата на филмот, туку и поради незапирливата енергија со која сними над сто филма во својата 60-годишна кариера.
Сосема природна, без видливи интервенции во физичкиот изглед, Кардинале сѐ уште изгледа свежо и прекрасно. И самата знае да каже дека не се плаши од минливоста на времето, а во една пригода има изјавено: „Сведоци сме на тој тренд со години, како актерките се уништуваат обидувајќи се да ја задржат својата убавина“. Пред публиката зборуваше и за својот однос кон Холивуд, кој не успеа да ја задржи, затоа што таа е самосвесна актерка, Европејка, како што ќе рече, на која местото ѝ е во европскиот филм, а не во Холивуд, чиј концепт на манипулација не го прифаќа.
Клаудија Кардинале играше во некои од најпознатите остварувања во историјата на филмот: „Роко и неговите браќа“, „Осум и пол“, „Беше еднаш на Дивиот Запад“, „Гепард“, „Пинк Пантер“, „Саламандер“, „Фицкаралдо“ и многу други. Зад себе има 150 улоги.
За улогата во „Девојката со куферот“ (1961), критиката вели дека таа се идентификува со ликот на младата и детинеста девојка.
Не, не се идентификувам со улогата, затоа што убавината во актерството е тоа што пред камерата можете да бидете некој друг, за потоа повторно да си се вратите на себе – вели Кардинале за улогата што ќе ѝ донесе номинација во Кан, а за која во Италија ја добива наградата „Давид ди Донатело“.
Следуваат некои од најважните класици во европската, но и во светската историја на филмот: „Осум и пол“ (1963) на Федерико Фелини, „Роко и неговите браќа, „Гепард“ и „Драгите ѕвезди на Големата мечка“ на Лукино Висконти. Филмовите што ќе ѝ ја донесат интернационалната слава се „Пинк Пантер“ на Блејк Едвардс и култниот „Беше еднаш на Дивиот Запад“ на Серџо Леоне.
Од 2000 година таа е амбасадорка на добрата волја во Унеско за одбрана на женските права, па во тој контекст и објасни дека не го сака концептот за секс-симбол, па неколкупати повтори: „Не, не, не, јас не сум секс-симбол“.

Министерот за култура Асаф Адеми и Клаудија Кардинале