Годинашниот саем на книгата и годинава ќе се одржи на отворено кај спортскиот центар „Борис Трајковски“. Како и секоја година, издавачките куќи подготвуваат богата понуда.
– „Антолог“ е познат по своето оригинално саемско претставување, а оваа година наш слоган е „Ар ју букцинајзд?“ Се обидовме да бидеме креативни, така што нашиот штанд ќе биде своевиден пункт за имунизација со универзалната вакцина – книгата. Покрај одлични попусти, ќе имаме многу новитети, гостувања од нашите домашни автори и други саемски изненадувања. Најавивме наслови од популарните автори, меѓу кои број еден е секако шведската сензација Фредрик Бакман со продолжението на приказната за малото шумско гратче Мечкоград – „Ние против вас“. Имаме и други новитети – вели Елена Конеска Светиева од „Антолог“.
И од издавачката куќа „Три“ велат дека нема да ги разочараат читателските очекувања.
– На штандот на „Три“ ќе има голем број нови книжевни хитови што се светска читачка атракција, како расказите на Мураками и „Ахиловата песна“ од Мадлин Милер, нобеловците Казуо Ишигуро и Марио Варгас Љоса и, секако, нема да заборавиме на домашната книжевна сцена. Таа ќе заблеска на овој саем кога ќе пристигнат неколку нови наслови од познати домашни автори, како Наташа Сарџоска, Виолета Танчева-Златева и Стефан Маркоски. Ќе организираме и потпишување примероци на книги од автори чии дела веќе се во нашите книжарници, како Винка Саздова, Катерина Ангеловска, Радован Витошевиќ – изјавуваат од „Три“.
Поради настаната ситуација со вирусот, тие не очекуваат да се намали бројот на посетители.
– Пандемијата им отвори нови хоризонти на голем број луѓе, кои претходно не беа читатели, со тоа што им подари време – велат оттаму.
Издавачката куќа „Арс ламина“ ќе се претстави со повеќе од 300 нови наслови, 12 промоции на книги, работилници за најмладите и средби со авторите.
– Ќе понудиме специјални саемски попусти до 80 отсто и подароци – за секоја реализирана сметка ќе следува подарок книга. Планирани се промоции на книги од домашни автори, но и од гости од Србија, кои ќе се одржат на главната бина, како и на штандот на „Арс ламина“. В петок се закажани промоциите на книгите за деца од познатите српски автори: „Црната птица“ од Александра Јовановиќ и „Јас сум Акико“ од Стефан Тиќми. Следниот ден е претставувањето на третиот автор гостин од Србија/Португалија, Дејан Тиаго Станковиќ, кој ќе ја промовира македонската верзија на „Замалек“ – вели Ана Несторовска Саздовска.
Според неа, со пандемијата, интересот за книгите не се намалил кај читателите.
– Не се намали ни динамиката со која објавуваме нови изданија. Брзо се приспособивме на новонастанатата ситуација и одговоривме на барањата и потребите на своите читатели. Ова е второ издание на Саемот на книгата во Скопје што се одржува во услови на пандемија и веќе знаеме што нѐ очекува и подготвени сме да се претставиме во согласност со мерките за заштита на здравјето на посетителите и учесниците на саемот – велат оттаму.