Публикацијата со наслов „Зборува АКТО 2006-2020“ на околу 300 страници презентира илустрации и интервјуа на локални и интернационални еминентни културни работници, куратори, уметници и активисти поврзани со фестивалот. Покрај онлајн промоцијата по повод 15 години од фестивалот, се одржаа и дискусија и проекција на видеоесеј. Модератор на дискусијата беше Владимир Јанчевски.
– Фестивалот АКТО во текот на своето 15-годишно постоење прерасна во симбол на континуитетот и истрајноста на независната културна сцена, обединувајќи мноштво индивидуалности во една широка разнообразна заедница, која има потенцијал да го зацврсти своето влијание, движејќи се суверено од маргината кон центарот – велат организаторите.
АКТО е фестивал на современи уметности што се обидува да ги отвори не само темите што се важни за моменталната социјално-политичка и уметничка реалност туку и да стимулира формати на продукција што ќе ја размрдаат состојбата на статус кво. Фестивалот се одржува секој август, во Битола.