„МИСТИЧНА МАКЕДОНИЈА – МУЗЕЈ ПОД ОТВОРЕНО НЕБО“

М-р Никола Ристевски

Иако по својот физички обем претставува релативно компактно четиво, книгата „Мистична Македонија“ (Mystical Macedonia, Book 1: An Open Air Museum) содржи исклучително концентриран и суштински корпус на информации за Македонија.
Наместо раситнување во непотребни дескрипции, фокусот на ова издание е да понуди прецизна синтеза на милениумскиот материјален и духовен развој на нашата земја, од праисториските наоѓалишта и античките урбани центри, преку ранохристијанските базилики и средновековните тврдини, сè до живата народна меморија и ретките природни феномени. Секоја страница и секој сегмент се структурирани со јасна цел: да послужат како референтен пресек што го дефинира вистинското значење на Македонија како автентичен културен музеј на отворено.

Повеќегодишната истражувачка и теренска работа, документирањето на туристичките атракции, анализата на историските записи и архивските материјали резултираа со објавувањето на првиот дел од истражувачкиот циклус посветен на туристичкиот потенцијал на македонското културно-историско наследство – книгата „Mystical Macedonia, Book 1: An Open Air Museum“. Појдовната точка на овој труд не е создавање фикција, туку синтеза на егзактни факти: македонскиот географски простор претставува редок пример за непрекинат цивилизациски развој, каде што на релативно мала територија се зачувани материјални остатоци од речиси сите ери и епохи на човештвото.

Воведните текстови од книгата, насловени „Туристичкиот потенцијал на Македонија“ (The Touristic Potential of Macedonia) и „Туристичките атракции на Македонија“ (The Touristic Attractions of Macedonia), го третираат прашањето за соодветно валоризирање на овие ресурси. Анализата покажува дека современиот туризам сè повеќе бара дестинации со автентично културно наследство и зачуван природен амбиент. Македонија располага со исклучителни природни реткости: планински масиви, прастари тектонски езера, стотици регистрирани пештери, речни клисури и кањони. Меѓутоа, развојот на одржлив културен туризам бара институционален пристап, прецизна промоција и свест за вредноста и значењето на културното наследство.

Хронолошкиот преглед во книгата започнува со текстот „Македонија низ епохите: Праисторија“ (Macedonia Through The Ages: Prehistory). Овде се елаборирани трагите од палеолитот, неолитот, бронзеното и железното време. Материјалните наоди од наоѓалиштата како Тумба Маџари, Кокино, Цоцев Камен и пештерите по должината на реката Бабуна сведочат за организиран живот и развиени навики кај праисториските заедници илјадници години пред новата ера. Веднаш потоа, во поглавјето „Македонија низ епохите: Антика“ (Macedonia Through The Ages: Antiquity), фокусот се префрла врз урбаниот развој, монументалната архитектура и археолошките слоеви што денес се видливи под современите урбани центри или во рамките на зачуваните градишта.

Клучно место во историографскиот дел зазема текстот „Наследството на кралот Александар Македонски“ (The Legacy Of King Alexander Of Macedon). Наместо митолошки романтизам, ова поглавје дава сериозен преглед на колективната меморија за античкиот период зачувана кај населението низ вековите. Текстот ги анализира записите на македонските преродбеници од XIX век – Ѓорѓија Пулевски, Григор Прличев, Марко Цепенков, Димитар и Константин Миладинови, Кузман Шапкарев, Исаија Мажовски, како и трудовите на Крсте Петков Мисирков. Преку етнолошки записи, песни и легенди се следи континуитетот на свеста за пајонските и античките врски, како и за сојузништвото на Пајонците со македонската војска.

Урбаните јадра од тој период детално се разработени во поглавјето „Билазора, Хераклеја и Стоби“ (Byla Zora, Heraclea & Stobi). Билазора, сместена кај селото Кнежје крај Свети Николе, претставувала најголемиот утврден пајонски град чии монументални градби потекнуваат од раната антика; Хераклеја Линкестис кај Битола, основана од Филип II, прераснала во клучна патна станица по должината на Виа Игнација; додека Стоби, на утоката на Црна Река во Вардар, сведочи за стратешко урбано планирање и стопански развој. Со ова директно кореспондира и поглавјето „Античките театри“ (The Ancient Theaters), во кое се претставени четирите зачувани антички театри во Охрид (Лихнид), Битола (Хераклеја), Градско (Стоби) и Скопје (Скупи).

Преминот кон средновековната епоха е образложен во текстот „Раното христијанство и доцната антика во Македонија“ (Early Christianity & Late Antiquity in Macedonia). Македонија има значајно место во библиските записи преку патувањата на апостол Павле, што подоцна резултира со изградба на стотици ранохристијански базилики со извонредни подни мозаици и крстилници, регистрирани во Охрид, Стоби, Хераклеја и Баргала. Одбранбената архитектура е предмет на анализа во „Старите тврдини во Македонија“ (The Old Fortresses in Macedonia), каде што се евидентираат над 400 утврдувања, меѓу кои оние во Скопје, Охрид, Штип, Струмица, Тетово, Кичево, Прилеп, Виница и др.

Поглавјето „Приказната за кралот Марко од Македонија“ (The Story Of King Marko Of Macedonia) го анализира историскиот контекст на XIV век, дејствувањето на Волкашин и Углеша, како и владеењето на кралот Марко со седиште во Прилеп. Текстот прави дистинкција меѓу историската улога на последниот христијански крал на Македонија и обемниот фолклорен култ, кој оставил најдлабоки траги во топонимијата на целата земја.

Два монографски текста се посветени на конкретни урбани и духовни средишта. Првиот е „Охрид – духовната престолнина на Македонија“ (Ohrid – The Spiritual Capital Of Macedonia), каде што се опфатени улогата на античкиот Лихнид, Јустинијана Прима, епохата на Самуиловото Царство, историското значење на Охридската архиепископија, како и просветната и медицинската дејност на Свети Климент и Свети Наум преку Охридската книжевна школа и болничкиот комплекс на Плаошник. Вториот текст е „Кратово – еден од најстарите градови во Европа“ (Kratovo – One Of The Oldest Cities In Europe), кој ги обработува специфичниот урбанизам на градот сместен во згаснат вулкански кратер, неговите средновековни одбранбени кули, камени мостови, подземни премини, рударската традиција и Кратовската книжевна школа.

Синтезата на сите овие истражувања е содржана во заклучното поглавје „Само сонцето е постаро од Македонија“ (Only The Sun Is Older Than Macedonia), кое претставува аргументиран осврт врз историскиот континуитет на симболот на сонцето, богатството на природните и археолошките ресурси и потребата од сериозен однос кон зачувувањето на сопствениот идентитет. По ова поглавје следува делот „37 фотографии од Македонија“ (37 Photos From Macedonia), како и најава за втората книга од оваа серија (Book 2: Announcement).

Теренската верификација на сите овие локалитети е документирана преку богата фотографска архива, создавана во соработка со продукцијата „Аристон“ (Ariston Production). Истражувањето и презентирањето на овие материјални докази имаат единствена цел: стручно и одговорно да се прикаже реалната вредност на културното наследство на Македонија, како за домашната јавност, така и за меѓународните истражувачи и посетители. Книгата веќе го започна својот пат кон странската читателска публика, по објавувањето на изданието на англиски јазик во 2023, годинава книгата беше преведена на хрватски, француски и германски јазик, веќе се работи на преводи на други јазици, по што ќе следуваат објавувања на преводите.
Посебно сакам да истакнам дека матичното издание на македонски јазик ќе биде објавено во значително проширен формат, со речиси трипати поголем обем од меѓународната верзија, нудејќи им на домашните читатели и истражувачи детален увид во користената архива за пишување на текстовите. Во следните продолженија од фељтонот „Мистична Македонија“ ќе продолжиме со необјавени написи од изданието на македонски јазик, кое е во подготовка. За сите оние што сакаат да ја погледнат меѓународната верзија, книгата е достапна на Амазон.

(продолжува)