Фото: ЕПА

На почетокот на оваа неизвесна есен во однос на коронавирусот, да се обидеме да погледнеме наназад какво искуство има стекнато човештвото досега во борбата против ковид и дали и колку истите мерки треба да се повторат во претстојната сезона, кога вирусните заболувања на респираторниот систем ќе бидат како и обично сеприсутни, а со нив и споменатите нови варијанти на соевите

Уште еден осврт кон последиците што коронавирусот ги направи на глобално и локално ниво, и потенцијалот истото тоа да продолжи

Изминативе неколку месеци медиумите континуирано објавуваат вести за можното враќање на ковид оваа есен, впрочем не на ударно место, но сепак со извесна дозираност за да привлечат внимание. Најновите соеви на коронавирусот ерис и пирола, со кодно име ЕГ.5 и БА.2.86, веќе се изолирани. Во Германија, претседателот на Германското лекарско здружение, Јанош Дахмен, најавува дека ќе има смисла повторно да се користат маски и вакцини оваа есен и зима. Иако зборува како лекар, можеби е важно да се знае дека Дахмен е висок член на Партијата на зелените.
Од другата страна на океанот, портпаролот на американскиот Центар за контрола и превенција на болести изјави за „Њусвик“ дека нема намера да повика на враќање на задолжителното носење маски во овој момент, но не негираше дека тоа може да се промени доколку бројот на случаи на новата варијанта значително се зголемува. Дури и малку заборавениот здравствен советник на американскиот претседател, Ентони Фаучи, излезе со изјава дека „нема да има цунами“ на ковид, но предупреди дека мерките за изолација ќе мора да се повторат доколку тоа би ги принудило луѓето да се вакцинираат.
На почетокот на оваа неизвесна есен во однос на коронавирусот, да се обидеме да погледнеме наназад какво искуство има стекнато човештвото досега во борбата против ковид и дали и колку истите мерки треба да се повторат во претстојната сезона, кога вирусните заболувања на респираторниот систем ќе бидат како и обично сеприсутни, а со нив и споменатите нови варијанти на соевите.

Колку беше оправдана изолацијата?

Три години по прогласувањето глобална пандемија од страна на Светската здравствена организација, во релативно поподносливи околности за научно-академско истражување за тоа што се случи со светот и дали тој успешно ѝ се спротивстави на пандемијата, различни авторитети се обидуваат да ги дадат своите одговори и перспективи. Иако има и такви што едноставно сакаат да заборават на сѐ и да продолжат понатаму како ништо да не се случило. Сепак, прашањето што го загрози и подели човештвото не смее да остане неодговорено.
Како што истакнува во својата статија „Кризата ковид-19 ќе се врати, додека не се ребрендира во нешто друго“, американскиот истражувач Џордан Шахтел пишува дека за да разбереме што всушност бил ковид, прво мора да го исклучиме телевизорот и да се изолираме од медиумите. Според него, дури тогаш во таква реалност, надвор од наметнатата рамка на владејачката гарнитура, „ковид“ најдобро ќе се сфати како она што луѓето порано го нарекуваа настинка и грип пред 2020 година.
– Подоцна, овие две тесно поврзани дијагнози беа преименувани во застрашувачка болест наречена „ковид-19“. Никој веќе немаше настинка. Никој повеќе не доби грип. Луѓето добиваат РСВ сега, но тоа е затоа што „Фајзер“ има нова „вакцина“ што треба да ја продаде за да ве излекува од неа! Во суштина, по 2019 година, сè што личеше на шмркање и кивање стана ковид – заклучува Шахтел.
Иако многумина би го сметале таквото поедноставено објаснување за ненаучно, па дури и теорија на заговор, само објективната и емпириски заснована анализа на мерките преземени против ковид може да даде одговор дали навистина се работи за нешто повеќе од обична настинка и грип и дали преземените мерки беа мотивирани исклучиво (или главно) од хуманитарни мотиви за заштита на човештвото од ново зло.
А во ваквите анализи, кои, за жал, нема да се шират преку западните мејнстрим-медиуми, па затоа и ќе останат надвор од видното поле на пошироката публика, може да се најдат интересни, па дури и застрашувачки податоци за тоа низ што поминавме и претрпевме во последните години, но не од вирус, туку од мерките на кои бевме изложени во борбата против него. Едноставно, според народното, дали сметката на крајот испадна „дарата поголема од маслото“?

Една од поважните мерки беше изолацијата, во која луѓето останаа затворени во своите домови со месеци бидејќи беше воведен полициски час, чие прекршување имаше застрашувачки последици како што се пукање на полицијата и слично. Денес перспективите се веќе еволуирани, па оние што порано искажуваа скептицизам и беа нарекувани „ковидиоти“ и теоретичари на заговор се покажа дека биле во право. Според неодамна објавените податоци, Шведска, една од најмалку затворените земји во светот, севкупно помина подобро од земјите со порестриктивни јурисдикции.
И германската влада, која спроведе подисциплиниран режим на ковид, кој вклучуваше повеќекратни карантини, задолжително тестирање, маскирање и вакцини, сега е изложена на критики. И тоа од никој друг туку од сопствениот министер за здравство Карл Лаутербах, кој спроведуваше таква политика. Неуспехот на неговата политика оди еден чекор понатаму: тој сега се соочува со серија тужби за штета од вакцините.
Во САД, главниот медицински советник на претседателот Бајден, Ентони Фаучи, се соочи со интензивно испрашување пред американскиот Конгрес за наводно финансирање истражување за вируси за да дојде на функцијата.
За разлика од западниот политички естаблишмент, во повеќето земји во развој ваквите рестриктивни мерки поради ковид се сметаа за сурови од самиот почеток на нивното наметнување. Според истражувањето на добротворната организација „Колатерал глобал“, во периодот од 2020 до 2022 година, милиони луѓе низ светот страдале од недостиг од храна и губење на образованието или егзистенцијата. Други беа затворени во сиромашни населби или тепани од испаничената полиција. Ескалацијата на нивоата на националниот долг и глобалната инфлација на крајот доведоа до половина од земјите со низок и среден приход да ги намалат здравствените буџети за време на пандемијата, додека две третини од земјите со низок и понизок среден приход ги намалија трошоците за образование. Субвенциите за храна и гориво, кои служеа како спас за сиромашните, беа скратени поради зголемените отплати на долговите. За земји како Судан, штедењето се покажа трагично.
Имајќи ги предвид овие факти, денес звучи апсурдно и лицемерно да се изговара некогаш популарниот рефрен, кој постојано се повторуваше за време на пандемијата, дека „во ова сите сме заедно“. Особено ако се соочите со фактот дека во тригодишната ера на ковид, од една страна, беа создадени 500 нови милијардери, а од друга страна, 228.000 деца починаа во Јужна Азија, поради откажувањето на здравствените услуги (според извештајот на ОН). Се сеќавате ли на познатото пророштвото на Орвел од „Животинска фарма“ – „сите животни се еднакви, но некои се поеднакви од другите“!? Некои целата оваа ситуација ја нарекуваат „здравствен колонијализам“ поради уште едно наметнување мерки за штедење врз сиромашните во светот: од Индија до Кенија и од Аргентина до Сенегал.

Ненад Живановски-Столиќ, „Геополитика“

(Продолжува)