СВЕТСКИ ДЕН НА АУДИОВИЗУЕЛНОТО НАСЛЕДСТВО

Сите архиви, кинотеки, филмски музеи и институти во светот вчера го одбележаа Светскиот ден на аудиовизуелно наследство со активности, промоции и настани, со кои фокусот на светската јавност го насочуваат кон значењето и ранливоста на аудиовизуелното наследство. Како дел од тоа големо семејство на професионалци и институции посветени на заштитата и зачувувањето на филмското културно наследство, и Кинотеката се вклучува со свои активности. Граѓаните што вчера ја посетија Кинотеката во периодот добија бесплатни изданија – печатени и ДВД-изданија на Кинотеката, како и организирана тура низ просториите и депоата на институцијата што се грижи за националното аудиовизуелно, односно филмско наследство. Дел од изданијата на Кинотеката добија и посетителите на филмските проекции на македонските филмови „Те дуа, жими мене“ (2023, р. Марјан Гавриловски) и „М“ (2023, р. Вардан Тозија).

– Всушност целиот месец октомври во Кинотеката е посветен на заштитата на филмското наследство, неговата промоција и подобрување на условите во кое истото тоа се чува од заборав и уништување, а во насока на негова достапност до граѓаните. Неодамна беше проширен и реновиран просторот во кој се чуваат изданијата и библиотечниот фонд на Кинотеката и дел од легатот на македонскиот режисер Димитрие Османли, а од печат излезе и книгата „Документарниот филм и идентитетот“ на Сунчица Симоновска-Веселиновска што ќе биде промовирана наскоро. Македонската кинематографија во овој месец беше претставена пред црногорската, хрватската и српската публика, во издвоени настани, а филмовите на браќата Манаки влегоа во официјалната програма на Фестивалот на архивски филм, кој се одржа во Тбилиси, Грузија – велат од Кинотеката.
Светскиот ден на аудиовизуелно наследство е востановен во чест на донесувањето на Препораката за заштита и зачувување на подвижните слики од страна на 21. Генерално собрание на УНЕСКО во 1980 година. Три и пол децении подоцна, УНЕСКО ја дополни и прошири таа првична препорака со нова и во 2015 година беше усвоена препораката за зачувување и достапност на документарното наследство, вклучувајќи го и она во дигитална форма.

Во таа насока, Кинотеката овие денови го издаде и новото блуреј-издание, кое содржи пет етнографски документарни филмови снимени при средината на минатиот век. Филмовите „Велигденски обичаи“ (1954, р. Ацо Петровски), „Галичка свадба“ (1955, р. Ацо Петровски), „Дервиши“ (1955, р. Ацо Петровски), „Русалиски обичаи во Гевгелиско“ (1957, р. Благоја Дрнков) и „Мариовска свадба“ (1955, р. Вера Кличкова) беа дигитализирани во нашата кинотека и реставрирани од Владимир Павловски благодарение на проектот „Сезона на филмски класици“ реализиран од Асоцијацијата на европски кинотеки.

В.Д.