Три народни поговорки и Законот за стратешки инвестиции

Инж. Дениз Мустафаоглу, еден од групата ЕКСПЕРТИ ШТО ЈАВНО се огласија во врска со Законот за стратешки инвестиции

ПРВ ДЕЛ

Кога дрвото е посадено накриво, тешко се оправа, вели народот. Така, и последиците од начинот на кој е изработен и донесен Законот за стратешки инвестиции ги чувствуваме денес. Иако се трудиме да ги избегнеме последиците на вака посаденото дрво, изгледа дека најдобро ќе биде „дрвото“ одново се засади или да се исече.
Во услови како сегашните, пред формирањето на техничката влада, на 3 јануари 2020 година, на исклучително брз и нетранспарентен начин се предлага и се носи Законот за стратешки инвестиции – еталон за закон што во согласност со формата и содржината може да продуцира ризици од корупција.
Постапката започнува на 26 ноември 2019 година, кога предлог-законот е поставен на дневен ред на 167-та владина седница, а на следната, 168 седница, со која претседава тогашниот заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, д-р Кочо Анѓушев, на 3 декември 2019 година, предлогот на законот е разгледан и донесен е заклучок: „Пречистениот текст на предлог-законот за стратешки инвестиции да се достави до Собранието по скратена постапка“. Куриозитет претставува ефикасноста на работата на Владата на овие две владини седници, каде што министрите успеваат да разгледаат неверојатни 123, односно 150 точки поставени на дневниот ред, во времетраење од три односно неполни четири часа. Предлогот на законскиот текст воопшто не беше поставен на платформата ЕНЕР, каде што власта вообичаено ги става првичните верзии на законите, врз чија основа во одреден период чека забелешки, па потоа го крои финалното решение, а дополнително Владата го прекршува и сопствениот деловник за работа во согласност со кој била должна материјалот да го достави до Државната комисија за спречување на корупцијата како материјал што подлежи на процена на влијанието на регулативата, а во случај да не било прибавено наведеното мислење, законот немало да се разгледува на седницата на работните тела и на Владата. (одредби од членот 68 на Деловникот за работа на Владата). Претпоставка е дека Владата не постапила по овие одредби од Деловникот бидејќи сметала дека станува збор за прашање што е итно и не трпи одложување.
Веќе на 6 декември 2019 година, тогашниот премиер Зоран Заев излегува со изјава во јавноста дека со посебно законско решение ќе се привлекуваат стратегиски инвестиции поголеми од 100 милиони евра за територијата на Скопје и соодветно во другите општини и дека Владата ВЕЌЕ ПРЕГОВАРА со пет-шест вакви инвеститори чии имињата сѐ уште не можат да се соопштат, а инвестициите се проценуваат на над две милијарди евра: „Во процедура е носењето на законот за стратешки инвестиции, кој дава можност за еден транспарентен начин за стратешки инвестиции поголеми од 100 милиони евра на територија на град Скопје, а соодветно и во внатрешноста, да имаме можност преку еден лекс генералис преку законска можност, преку една брза лента, по една транспарента постапка да доаѓаат големи инвеститори во државата. Има пет-шест најавени такви во вкупна вредност од над две милијарди евра, во моментов што се преговараат“.

Скорашната изјава на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи дадена на 14 февруари 2024 година во емисијата „Топ тема“, каде што вели дека за првпат Владата преговарала институционално, што подразбира дека преговорите започнуваат со поднесување барање за добивање статус на стратешки инвестициски проект (членот 14 од Законот за стратешки инвестиции), очигледно е дека не кореспондира со дадената изјава на тогашниот премиер Зоран Заев, бидејќи тој навести дека Владата веќе преговара со пет-шест вакви инвеститори, иако законот сѐ уште не е донесен.
На 3 декември 2019 година, Владата го поднесува до Собранието предлог-законот за стратешки инвестиции, по скратена постапка. Во материјалите, покрај другото, се доставува и изјава за усогласеност на прописот со законодавството на Европската Унија со кореспондентна табела, во која се наведува дека „предлог-законот е ДЕЛУМНО УСОГЛАСЕН со регулативата CELEX број 320013R0347 за приближување на законите на земјите членки во врска со стратешки инвестиции, бидејќи дел од одредбите се однесуваат на земјите членки на Европската Унија, дел од одредбите ќе се во посебни закони, дел од одредбите ќе се транспонираат во подзаконски прописи“. Дополнително Секретаријатот за законодавство на 23 декември 2019 година дава мислење дека „целосно се согласува со изјавата за усогласеност во однос на точките 2 и 3 од изјавата за усогласеност со кореспондентната табела МК-ЕУ на предлог-законот за стратешки инвестиции во Република Северна Македонија“
Но ако внимателно се прочитаат 64 страници на кореспондентната табела ЕУ- МК изработена на 10 декември 2019 година, ќе се забележи дека во огромна мера – речиси воопшто не постои усогласеност на Законот за стратешки инвестиции со европската регулатива CELEX број 320013R0347. Текстот на Законот за стратешки инвестиции е како чудовиштето од романот Франкенштајн на Мери Шели. Најверојатно од тие причини на еден ден пред изгласувањето на законот, на 15 јануари 2020 година, со допис бр. NM–MC/O/jko, директорот на Енергетската заедница во Виена, Јанез Копач, му се обраќа на министерот за економија Крешник Бектеши, од кого бара измена на Законот за стратешки инвестиции и негово ЦЕЛОСНО ТРАНСПОНИРАЊЕ на регулативата (ЕУ) бр. 347/2013 која се однесува на изградба на енергетски објекти.
Сепак овој закон во брза постапка поминува на 130 седница на Собранието, со 45-минутна расправа на Комисијата за европски прашања и едночасовна расправа на законодавно-правната комисија.
Законот е изгласан на 16 јануари 2020 година, со 49 гласа за, 16 гласа против и еден глас воздржан.

ВТОР ДЕЛ

Брзата кучка слепи кучиња раѓа – македонска поговорка што сака да поучи дека брзањето не донесува добро. Кутрињата секако не гледаат кога ќе се родат, но брзањето при донесување на овој Закон за стратешки инвестиции ги направи слепи, во буквална смисла на зборот, 120-те народни избраници, многубројните членови на разните собраниски и владини комисии, владините служби, министрите во Владата и кој ли уште не? Ниту еден од нив, во брзањето за донесување на Законот за стратешки инвестиции, не забележал дека во текстот на Законот НЕ ПОСТОИ ТРЕТ СТАВ ВО ЧЛЕНОТ 16, а токму тој непостоен став во согласност со членот 22 од истиот закон ќе престане да важи по пристапувањето на Македонија во Европската Унија. За среќа, имаме ревносни институции што ги заслужуваат народните пари. Државната комисија за спречување на корупцијата по сопствена иницијатива, а во врска со предлог доставен од здружението за заштита на правата на граѓаните „Човекот над профитот“ од Скопје, изврши антикорупциска проверка на Законот за стратешки инвестиции и, покрај другите забелешки, ја воочи и нотира токму забелешката за некохерентната правна техника што е користена и при формулирањето на членот 22 од Законот што доведува до непрецизност и нејасност на истата таа. „Имено, во членот 22 е пропишано кои одредби (членови од законот) ќе престанат да важат по пристапување на Републиката во ЕУ. Меѓу другите е посочен и членот 16, ставовите 2 и 3, иако членот 16 од Законот е сочинет од став 1, 13 алинеи и став 2“.
Антикорупциска проверка на легислативата е една од основните надлежности на Државната комисија за спречување на корупцијата. Извештајот за реализацијата на оваа надлежност, покрај другото, е составен дел на Годишниот извештај што таа го доставува до Собранието, до претседателот на државата, до Владата и до средствата за јавно информирање. Извештајот за антикорупциската проверка на Законот за стратешки инвестиции во рамките на Годишниот извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2019 година официјално е усвоен на 12 јуни 2020 година, истиот тој е доставен до Владата, која го има разгледано на 28 јули 2020 година, и утврди дека нема забелешки по однос на истиот тој. До Собранието, Годишниот извештај е доставен на 15 јуни 2020 година. Тој се разгледува и усвојува на 32-та седница, одржана на 18 април 2021 година.
Во Годишниот извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2019 година се бара министерствата да ги земат предвид препораките што произлегуваат од спроведената антикорупциска проверка на легислативата. А препораките што треба да ги земат предвид се всушност и причината зошто на почетокот на текстот е напоменато дека Законот за стратешки инвестиции е еталон за закон што во согласност со формата и содржината може да продуцира ризици од корупција. Ваквата констатација произлегува токму од забелешките што се дадени во извештајот за антикорупциската проверка на Законот за стратешки инвестиции од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата, бидејќи ретко кој закон, а верувам ниту еден досега, нема добиено во толкава мера еклатантни забелешки дека станува збор за закон со недостатоци што можат да продуцираат ризици од корупција.
Еве ги можните штети што би се предизвикале со примената на законот, а Државната комисија за спречување на корупцијата ги има предвидено во извештајот за антикорупциската проверка на Законот за стратешки инвестиции:
„Правните празнини манифестирани со законското недефинирање на начинот на спроведување на транспарентноста и учеството на јавноста во комбинација со овластувањето на Владата дискреционо да го уреди практичното остварување на истото претставува потенцијален ризик за корупција и потенцијален ризик од субјективизам и арбитрарност во користењето на дискреционото овластување за дополнително уредување на начинот на практичното остварување на транспарентноста, отчетноста и учеството на јавноста во спроведување на законот и стекнувањето статус на стратешки инвестиционен проект.
Правните недостатоци во законот поради отсуство на инструменти во однос на контролата во суштина доведуваат до ризик од корупција, а се манифестираат со недоволна отчетност и транспарентност на надлежниот орган за спроведување на законот.
Ваквите правни празнини манифестирани преку нецелосно дефинирани процедури и нецелосно дефинирани фази во исполнување на процедурата во суштина создаваат поволно тло за изигрување на овластувањата и должностите.
Недефинирањето на процедура со услови и критериуми за избор на членови на оперативна група за секој поединечен стратешки инвестиционен проект е ризик-фактор кој може да доведе до избор на несоодветни или пак избор на ’подобни’ членови на Оперативната група, како и до субјективизам, тргување со влијание, дискреција при изборот, до фаворизирање на определени лица и слично“.
На крајот, по извршената анализа и оцена на Законот за стратешки инвестиции, Државната комисија за спречување на корупцијата заклучува дека во Законот постојат недостатоци што можат да продуцираат ризици од корупција, поради што препорачува да се изврши преоценување на одредбите од законот што ги уредуваат посочените прашања, заради отстранување на ризиците.

ТРЕТ ДЕЛ

Брат за брат, сирење за пари – поговорка што нѐ учи дека, независно од блискоста во некои односи (семејни, пријателски, политички…), сметките секојпат треба да бидат чисти.
Тимот на Министерството за економија, предводен од министерот Крешник Бектеши, по добиените два „жолти картони“, еден на 15 јануари 2020 од директорот на Енергетската заедница во Виена, Јанез Копач, ден пред изгласувањето на Законот за стратешки инвестиции во Собранието, а вториот „жолт картон“ добиен со извештајот за антикорупциската проверка на Законот за стратешки инвестиции од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата, пристапува итно кон подготовка на измена и дополна на Законот за стратешки инвестиции со која би ги надминал сите забелешки упатени на негова сметка од Државната комисија за спречување на корупцијата и од директорот на Енергетската заедница во Виена, Јанез Копач, кој, патем, побара целосно транспонирање на регулативата (ЕУ) бр. 347/2013 која се однесува на изградба на енергетски проекти.
Додека се случува подготовката на измената и дополната на Законот за стратешки инвестиции, активностите не мируваат. На 2 мај 2020 година се објавува јавниот повик за поднесување барање за утврдување статус на стратешки инвестиционен проект во „Службен весник“ и во најмалку три реномирани меѓународни економски списанија, како што е предвидено во Законот. Но подзаконските акти, без кои Законот е речиси нефункционален и буквално е закон со недостатоци што можат да продуцираат ризици од корупција, не се носат во предвидениот рок. Тие всушност до ден-денес не можат да се најдат објавени на интернет. Имено, законот, кој е донесен на 20 јануари 2020 година, во согласност со членот 20 предвидува Владата во рок од седум дена од денот на стапувањето во сила на законот да донесе: Одлука за формирање комисија за стратешки инвестициони проекти, како и решение за именување на членови на таа комисија (членот 9 и членот 20); Одлука за определување на координатор одговорен за стратешкиот инвестиционен проект што има утврден статус (членот 10); Уредба за начинот на подготовка и реализација на стратешките инвестициони проекти (членот 11); Деловник за работа на комисијата (членот 12); Форма и содржина на образецот на барање за добивање статус на стратешки инвестиционен проект (членот 14) и сл.
На 30 август 2020 година се избира новата влада, предводена од Зоран Заев. На 22 септември 2020 година таа носи одлука за формирање комисија за стратешки инвестициони проекти и решение за именување постојани членови на комисија за стратешки инвестициони проекти со кое за постојани членови на комисијата за стратешки инвестициони проекти се именуваат:
– Зоран Заев, претседател на Владата на Република Северна Македонија,
– Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и координација со економските ресори и инвестиции,
– Фатмир Бесими, министер за финансии,
– Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање,
– Аријанит Хоџа, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство,
– Крешник Бектеши, министер за економија,
– Благој Бочварски, министер за транспорт и врски,
– д-р Драги Рашковски, генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија.
Иако оттогаш до денес се променети две влади и министри во истите тие, не може да се пронајде ниту едно друго решение за именување постојани членови на комисија за стратешки инвестициони проекти со кое е променето или поништено ова решение донесено на 22 септември 2020 година.
Без оглед на тоа што другите подзаконски акти не се донесени, Владата продолжува со преговори за стратешки инвестиции кои очигледно се водат спротивно на одредбите на чудовиштето од Закон за стратешки инвестиции. На моменти, тогашниот премиер Зоран Заев открива детали за стратешките инвестиции: „Меѓу другото, зборуваме и за Законот за стратешки инвестиции во државата. Четири се преговараат, едниот е договорен. Чекаме спогодба и ќе дојде тој договор и во Собранието. Станува збор за фабрика за производство на зелена енергија. Ама, имаме уште три инвестиции што се преговараат. Тешко одат преговорите, но ќе се издоговорат деталите. Нови осум инвестиции, пак, покрај овие, се со веќе почнати иницијативи“ (16 ноември 2020 година).
Согледувајќи ги сите аномалии на овој закон, на 24 декември 2020, Министерството за економија го поставува на ЕНЕР текстот на Законот за изменување и дополнување на Законот за стратешки инвестиции. Во нацртот на законот се вклучени и сите елементи предвидени како подзаконски акти во актуелниот текст на Законот, имплементирани се сите забелешки и препораки дадени во извештајот за антикорупциската проверка на Законот за стратешки инвестиции од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата и направен е солиден обид да се транспонира регулативата (ЕУ) бр. 347/2013 која се однесува на изградба на енергетски проекти.
Овој нацрт на Законот за изменување на Законот за стратешки инвестиции од 24 декември 2020 година, иако во извонредно голема мера го подобрува текстот на постојниот закон за стратешки инвестиции, до ден-денес стои на ЕНЕР со статус деклариран како „Отворен“.
… можеби ќе продолжи…