САД

Војската на САД објави видеоснимки од напад со беспилотно летало, во кој по грешка загинаа 10 авганистански цивили, меѓу кои седум деца. На снимката се гледа како војската следи бело возило со беспилотно летало над Кабул, верувајќи дека е на ИСИС и е натоварено со експлозив. Пентагон првично го бранеше нападот, тврдејќи дека убил оперативец на ИСИС што планирал да ги нападне американските сили за време на последните денови од евакуацијата од Авганистан.
Имено, само три дена претходно, бомбаш самоубиец уби 13 американски војници и десетици Авганистанци на Аби Гејт, клучна влезна точка на аеродромот. Поради постојаните закани за нови напади, американската војска сметаше дека следи член на ИСИС што го напуштил своето терористичко засолниште. Војската всушност го следела Замараи Ахмади, Авганистанец што работел за невладина организација за безбедност на храна. Ахмади поднел барање за специјална имигрантска виза и имал намера да го донесе своето семејство во САД, јавува Си-ен-ен.
Околу три недели по нападот, војската призна дека се работи за трагична грешка во која животот го загубија 10 невини цивили. Подоцнежната проверка на активноста на воздухопловните сили на САД за време на нападот откри дека „нема прекршување на законот“. Така, никој не одговараше за оваа трагична грешка.