Фото: ЕПА

Состојбата во Израел, на третиот ден од воениот напад од палестинските вооружени групи од Појасот Газа, е влошена и покрај тоа што бројот на точките на судир е намален од првичните 21 на четири. Воена состојба вчера беше прогласена и во Тел Авив, каде што двапати се огласиле сирените на силен, интензивен ракетен оган. Состојбата е влошена и во Појасот Газа, од каде што новинските агенции информираат и за голем број загинати и раселени лица и за многу разурнувања по возвратниот удар на израелските сили

Се влошува состојбата во Израел и Појасот Газа

Според информациите што доаѓаат од дипломатски извори и од новинските извештаи, јужниот округ на Израел е најпогоден од оружени акции. Неспоредливо најтешко е во јужниот медитерански израелски град Ашкелон, кој е под постојано гранатирање и ситуацијата таму е многу сериозна. Според податоците на израелската организација на Црвениот крст, во Израел има повеќе од 700 мртви, 2.400 ранети, а над 150 Израелци се киднапирани и не е јасно во каква состојба се многу од нив.

Израел мобилизира резервен воен состав

Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари вчера изјави дека борбите со палестинските сили се водат во неколку града на границата на Појасот Газа, наведувајќи дека борбите се во тек во Бера, Кфар Аз, Нирима и Алумим. Тој соопшти дека на територијата на Израел во моментов нема веќе оружени борби и дека израелските сили ги контролираат сите населени места. Израелските сили воспоставиле контролата над многубројните кибуци (еврејски заедници) во пограничниот регион со Појасот Газа, но продолжуваат изолирани судири, бидејќи некои вооружени напаѓачи и натаму се активни.
– Околу 70 терористи се инфилтрирале во Бера, но повеќето од нив биле убиени во битка со израелските сили, додека преостанатите сѐ уште се кријат во куќи во тој регион – изјави Хагари на брифинг со новинарите.
Контраадмиралот Хагари рече и дека од саботата до вчера војската повикала 300.000 резервисти, што укажува на подготовки за можна копнена инвазија во палестинската енклава, иако таквите планови официјално не се потврдени.
– Никогаш не сме регрутирале толку резервисти во толкав сооднос. Одиме во офанзива – изјави кусо Хагари.
Борбените авиони на Израел и артилеријата продолжуваат да гаѓаат стотици цели во Појасот Газа, додека копнените израелски трупи се борат за повторно преземање на контролата над пограничните села и градови коишто ги заземаа вооружените милитанти на Хамас.
Во меѓувреме, повеќето авиокомпании ги прекинаа летовите за Израел, поради безбедносната опасност на главниот аеродром во Израел. Додека продолжува евакуацијата на странски државјани, САД ги придвижуваат носачите на авиони поблиску до Израел.

Во болниците во Газа повеќе нема место за згрижување

Поради последните судири повеќе од 123.000 луѓе ги напуштиле своите домови, објави Канцеларијата за координација на хуманитарните прашање при ОН (OCHA). Станува збор за повеќе од 17.500 семејства, кои ги напуштаат своите домови поради стравот и загриженоста за својата безбедност и поради уништувањето на нивните куќи и станови. Во бегство се илјадници Палестинци, кои се обидуваат да излезат од опколениот Појас Газа, по израелски воздушни напади предизвикани од воениот упад на Хамас на израелска територија. Многумина жители на Газа стравуваа дека нема каде да се скријат, затоа што овој регион со површина од 140 квадратни милји се сметаше за едно од најгусто населените места на планетава. Најмалку 20.000 луѓе биле раселени во првата ноќ од израелските воздушни напади.
– Едно лице состојбата во болниците ја опиша како кланица. Имаше тела легнати на земја, немаше доволно простор во одделот за итни случаи. Ситуацијата е навистина страшна во моментов, ние се соочуваме со една од најтешките ескалации како Палестинци во Газа – рече Махмуд Шалаби од Медицинска помош за Палестинците, кој ја надгледува поддршката на болниците низ Појасот Газа.

Ескалацијата на воените судири во Појасот Газа се случува во време кога
Саудиска Арабија и Израел посочија дека се приближуваат до договор за нормализација

Лаура Блуменфелд, аналитичарка од Блискиот Исток во школата за напредни меѓународни студии „Џон Хопкинс“ во Вашингтон, вели дека Хамас можеби се одлучил за ваков потег поради чувството дека се соочува со ирелевантност, додека напорите кон пошироки израелско-арапски односи напредуваат.
– Додека Хамас гледаше како Израелците и Саудијците се приближуваат до договор, тие одлучија во стилот: нема место на масата, отрујте го оброкот – рече Блуменфеилд.
Осама Хамдан, лидерот на Хамас во Либан, за Ројтерс изјави дека операцијата во саботата треба да ги натера арапските држави да сфатат дека прифаќањето на израелските безбедносни барања нема да донесе мир.
– За оние што сакаат стабилност и мир во регионот, почетната точка мора да биде ставање крај на израелската окупација. Некои за жал почнаа да замислуваат дека Израел може да биде порта за Америка да ја брани нивната безбедност – изјави Хамдан.


Пекинг го осуди насилството

Кина соопшти дека се спротивставува и го осудува насилството врз палестинските цивили и цивилите во Израел.
– Кина е многу загрижена поради неодамнешната ескалација на конфликтот меѓу Палестинците и Израел – рече портпаролката на Министерството за надворешни работи Мао Нинг, додавајќи дека официјален Пекинг „изразува сочувство поради цивилните жртви во конфликтот и се спротивставува и ги осудува акциите кои им штетат на цивилите“,
Соопштението од Пекинг доаѓа откако лидерот на мнозинството во американскиот Сенат, Чак Шумер, му кажа на кинескиот министер за надворешни работи дека е многу разочаран од претходната изјава на Пекинг за неодамнешниот напад на Хамас, за која рече дека не покажува никакво сочувство или поддршка за Израел.
– Ве повикувам вас и кинескиот народ да застанете со израелскиот народ и да ги осудите овие кукавички и сурови напади – му рече Шамер, кој ја предводи делегацијата од шест сенатори во посета на Кина, на кинескиот министер за надворешни работи.
Во завчерашното соопштение кинеското министерство за надворешни работи ги повика двете страни да покажат воздржаност и веднаш да ги прекинат непријателствата. Во апелот на официјален Пекинг се вели и дека формирањето на независна држава Палестина е основниот начин за решавање на проблемот на Блискиот Исток.


Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Борел, свика вонреден состанок

Шефовите на дипломатијата на Европската Унија денеска ќе одржат вонреден состанок, кој ќе биде посветен на ситуацијата во Израел и регионот. Состанокот го свика Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
Според најавите, состанокот ќе се одржи во мешан формат, при што дел од шефовите на дипломатиите на ЕУ ќе учествуваат во живо на заседанието во оманскиот главен град Мускат, каде што ќе учествуваат на Советот за соработка меѓу Европската Унија и Советот за соработка во Персискиот Залив (ГЦЦ), а преостанатите ќе се приклучат онлајн.
Портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика, Петер Стано, вчера истакна дека ЕУ го признава правото на Израел на самоодбрана при сегашниот напад од страна на Хамас, но дека притоа мора да го почитува меѓународното право. Тој го повика исламистичкото движење Хамас да ја прекине агресијата и да ги ослободи киднапираните израелски граѓани, со што би започнало придвижување кон одржливо решение за смирување на тензиите на теренот.
– Сакаме Израел и Палестинците да живеат во мир, едни покрај други и да не бидеме сведоци на вакви драматични настани на какви што сме сведоци од саботата – рече Стано.


Скок на цената на нафтата, како последица од воениот конфликт на Блискиот Исток

Цените на нафтата драстично пораснаа по минатонеделниот остар пад, бидејќи трговците стравуваат од прекини во снабдувањето поради воениот конфликт на Блискиот Исток. Цената на барел нафта на лондонскиот пазар вчера скокна за 3,80 отсто, на 87,75 долари за барел, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 4,08 отсто, односно на 86,15 долари.
На финансиските пазари владее неизвесност, поради тоа на азиските берзи вчера се тргуваше претпазливо. Во Австралија цените на акциите пораснаа околу 0,4 отсто, додека на Шангајската берза паднаа за приближно 0,5 отсто.
Доларот и јапонскиот јен зајакнаа додека инвеститорите ги следат вестите за воениот конфликт на Блискиот Исток. На валутните пазари се зголеми вредноста на доларот во однос на кошничката на валути, по минатонеделниот мал пад. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, во понеделникот зајакна за 0,11 отсто, на 106,20 поени. Американската валута зајакна во однос на еврото, чија вредност се намали за 0,2 отсто, односно на 1,0565 долари за едно евро.

Подготвил: Митко Јовановски