Helikopter
Фото: ЕПА

Хеликоптер со неколку воени функционери, меѓу кои и шефот на воените сили, генерал Френсис Омонди Огола, се урна денеска во областа Елгејо-Мараквет, 400 километри северозападно од Најроби, изјави полициски извор.

– Хеликоптерот се запали по падот, а во него имаше повеќе од десет високи команданти, меѓу кои и генералот Огола – изјави висок офицер на националната полиција.

Кенискиот претседател Вилијам Руто свика итен состанок на Советот за национална безбедност по падот на воениот хеликоптер, соопшти претседателството.

– Командантот на вооружените сили на Кенија, генерал Френсис Огола е меѓу 10-те воени лица загинати во хеликоптерската несреќа што се случи во западниот дел на земјата – објави претседателот Вилијам Руто.

Хеликоптерот се урнал веднаш по полетувањето.

Двајца војници ја преживеале несреќата и се во болница – рече Руто, додавајќи дека е испратен истражен тим за утврдување на причините за несреќата.

– Нашата земја загуби еден од своите најхрабри генерали. Смртта на генералот Огола е болна загуба за мене – рече кенискиот претседател на прес-конференција.

Руто прогласи тридневна национална жалост.

Огола (61) беше шеф на кениските воздухопловни сили. Тој потоа стана заменик командант на вооружените сили и минатата година беше назначен од Руто за нивен командант.

На одбранбените сили на Кенија Огола се приклучи во 1984 година, обучен како пилот на борбен авион во американските воздухопловни сили и како пилот-инструктор во кениските воздухопловни сили – соопшти Министерството за одбрана.