Фото: Принтскрин

Украинската воздушна одбрана синоќа уништи две руски ракети од типот „Калибр“ и две крстаречки ракети Кс-59, соопшти Военото воздухопловство на вооружените сили на Украина.

Се наведува дека руските сили ноќеска извршиле напад со ракети од море и од воздух.

Во рускиот ракетен напад врз селото Гогољево во областа Полтава, две лица загинаа, а пет се повредени, соопшти денеска шефот на Кабинетот на претседателот на Украина, Андриј Јермак.

– Четири крстосувачки ракети беа истрелани од непријателска фрегата од Црното Море во близина на Феодосија. Исто така, двe крстисувачки ракети Кс-59 беа истрелани од два авиони Су-34 во правец на Криви Рог од воздушниот простор на окупираната област Херсон“, се вели во соопштението – пренесува Интерфакс Украина.

Украинските медиуми претходно објавија дека во Криви Рог се слушнале експлозии.

Руската воздушна одбрана уништи беспилотно летало кое се движело кон Москва, соопшти утринава градоначалникот на главниот град на Русија, Сергеј Собјанин. Дронот е уништен во близина на Љуберци, југоисточно од Москва, додаде тој.

– Според првичните информации нема жртви или материјална штета. Екипите на итната помош се на местото на настанот – изјави Собјанин.

Претходно привремено беа затворени два московски аеродроми, Дудедово и Внуково, објави новинската агенција Тасс, повикувајќи се на соопштенија од авијацијата.